ИнтервјуаМакедонијаСветот на работникотСиндикат

Ексклузивно – Беловски: Крајни корисници на буџетските средства да бидат вработените во медиумите

Новинарите и медиумските работници се клучна алка за одржување и мониторирање на демократијата насекаде низ светот. Тие исто така се клучни во обелодувањето на клучните проблеми во оштеството, како и во креавањето на свеста кај граѓаните за одредени прашања.

Македонија, според овогодишниот индекс на „Репортери без граници“ кој ја мери слободата на медиумите во државите низ светот има скок од 2 места и е на 90 место од вкупно 190 држави. Ова покажува дека медиумите во Македонија се уште немаат демократска слобода, иако државата е две места погоре од минатата година, односно највисоко е рангирана од 2013 година. Од друга страна како што многумина работници од различни сектори и индустрии имаат проблеми да ги остварат своите работнички права и новинарите и медиумските работници не се имуни на оваа појава. 

За работничките права на новинарите и медиумските работници, како и на други теми, разговаравме со новиот в.д. Претседател на ССНМ Павле Беловски кој беше едногласно избран на последното Собрание на синдикатот.

Бидејќи Беловски е нов на функцијата, започнавме со прашањето за тоа кои ќе му бидат најголемите приоритети како Претседател на синдикатот, во однос на заштитата и унапредувањето на правата на новинарите и медиумските работници. 

Ниските примња, како и непочитувањето на Законот за работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочува медиумската фела, рече Беловски, нагласувајќи дека не може да се зборува за слобода на медиумите во отсуство на загрозени работнички права, примања под егзистенцијалниот минимум, несигурноста која произлегува од договорите на определено работно време и авторските договори со кои работникот се држи на кузи узди.

Фото: Unsplash

„ССНМ на годишното Собрание одново си ги постави постулатите за правата на новинарите. Пред се‘ организацијата во наредниот период ќе се фокусира на анимирање на новинарите и детектирање на секој поединец од нашата професија кој делува, но е дисперзиран во мали редакции кои ги препознаваме како онлајн медиуми, бидејќи големите синдикални јадра остануваат сконцентрирани на ‘мејнстрим’ медиумите. Не заради кавнтитативно пребројување, туку од есенцијата на синдикализмот и основната максима ‘заедно сме посилни’.“, вели Беловски.

Истакна дека особено клучни се законските решенија кои се во нацрт фаза. 

Тој потенцираше дека освен зачленување и здружување, ССНМ ќе посвети енергија со силен фокус на дебати, состаноци за подигнување на свеста кај работникот со цел зајакнување на капацитетот на личниот интегритет и полесно препознавање на кршењето на основните работнички права. 

Сознанијата на ССНМ, вели Беловски, говорат дека поголем дел од вработените во медиумите и самите не ги препознаваат пропустите на работодавачите. Прифаќаат работа надвор од 40 – часовниот законски максимум без притоа да добијат надоместок за прекувремениот ангажаман.

„Ноќните часови работа се мисловна именка, како и празничните дневници. Затоа законот за работни односи останува во главниот фокус. Само преку унапредување на законодавството можеме трајно да ги искорениме аномалиите кои се провлекуваат со години и да креираме сфера која ќе биде вреднувана и споменувана со пиетитет, и која ќе ги привлекува идните генерации да партиципираат и практицираат новинарство“, истакна Беловски.

Ќе ги следиме сите владини намери, иницијативи и индиции за евентуално финансирање на медиуми преку рекламирање или формирање на фондови за буџетски пари во медиумите, подвлече Беловски, напоменувајќи дека ССНМ има јасен став кој содржи услови како државни пари да завршат во приватни медиуми.

„Не за пари во медиуми“ е генералниот став на еснафските здруженија, рече Беловски.

Тој наведе дека во наредниот период ССНМ и партнерските здруженија ќе влезат во фаза на изготвување на конкретни предлози, но и услови кои детално ќе ја уредуваат потребата и критериумите со цел работникот да биде краен корисник на тие средства, бидејќи, како што вели, бевме сведоци во минатото на тоа дека буџетските пари во медиумите ја пригушуваа слободата на изразување, а наместо профит се купуваше политичко влијание.

Фото: Unsplash

Беловски се осврна и на долгомесечната пандемија, додавајќи дека синдикатот ги следи приливите и приходите на медиумите, како и работодавачите од кои се очекува активно да се вклучат во изнаоѓање на решенија, како да се спаси и опстои медиумскиот сектор. Тој се повика и на последното истражување на ССНМ преку кое се согледува дека најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат од 15,000 до 20,000 денари плата. На пример, над две третини, поточно 69,3 % од новинарите кои работат во дигиталните медиуми би ја напуштиле професијата, а како главна причина за тоа ја навеле ниската плата која според ова истражување изнесува 18,348 денари или околу 300 евра, што е речиси 100 евра помалку од просечната плата на национално ниво, во 2020 – та година. 

Го запрашавме и дали има нови најави за потпишување на колективни договори со некои од медиумите, на што Беловски рече дека ССНМ на 10 – годишнината од основањето ја забележа и историската активност потпишувајќи го првиот Колективен договор со Медиумската информативна агенција – МИА.

„Токму тој договор е еден од приоритетите на ССНМ со оглед дека само овој подзаконски акт може да понуди трајно уредување на работничките права. Оттука се црпат правата и обврските кои нудат благосостојба на новинарите. Намалено работно време од 36 часа неделно, платени дополнителни ангажирања, регулирано ноќно работење, загарантирана слобода на информирање, но и заштита од партиска пропаганда и навреди што би ја загрозиле репутацијата на Агенцијата се само дел од придобивките од колективниот договор со МИА“, посочи Беловски. 

Овој позитивен пример останува стожер во интенциите на ССНМ, рече тој, подвлекувајќи дека во овој мандат тој како в.д. Претседател на ССНМ и неговите соработници од Извршниот одмор ќе вложат силни напори за да ги претстават пошироко взаемните придобивки од овој вид на регулација, да мотивираат и придобијат медиуми кои освен што ќе го решат трајно проблемот со одредени работнички права, ќе бидат пример за општествено одговорни и доследни компании на позитивните законски прописи. 

Беловски нагласи дека станува збор за партнерски договори и дека во интерес на кореспонденцијата со одредени медиуми остануваат воздржани околу очекувањата за тоа кога ќе го врамат и наредниот Колективен договор. 

Разговорот го завршивме со прашањето  до каде се измените на Кривичниот Законик, за кој ССНМ поднесе иницијатива. В.д. Претседателот Беловски рече дека ССНМ заедно со Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ пред само еден месец испорачале конкретни забелешки кон нивното главно барање, нападите врз новинарите и медиумските работници да се гонат по службена должност, а не по приватна тужба. Ова, вели Беловски е од особена важност затоа што од досегашната пракса новинарите ретко се решаваат да тужат при физички напад или при закана по нивниот живот и тоа од повеќе фактори, како што се на пример трошоците за постапката, страв од одмазда, немањето правна поддршка и слично.

Фото: Unsplash

„Затоа сметаме дека како системско решение од исклучителна важност е ОЈО и МВР да постапуваат по службена должност во околности кога се нападнати медиумски работници во вршење на својата работа. Истото го очекуваме и за заканите кои се упатени преку социјалните мрежи, а се однесуваат на професионалното работење на новинарите“, рече Беловски.

Ковид ситуацијата не‘ става во дополнителна неизвесност околу роковите кога конкретните законски измени ќе добијат поддршка од Министерството за правда, а потоа и од пратениците во Собранието, истакна Беловски и заклучи дека очекувањата на организациите на новинарите и медиумските работници се дека во следните пет месеци законот ќе биде изгласан, а новинарите и практично ќе ја добијат заштитата и безбедноста од државата која секоја власт им ја ветува и гарантира. 

Автор: Бобан Илијевски

Фото: Павле Беловски