Колумни

„Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ 

Од некогашните 65.000 работници во текстилниот сектор, сега има само 25.000, но се очекува оваа бројка да се намали за уште 5.000, со што бројот на вработени во овој сектор би изнесувал 20.000. Знам, малку сум досаден со бројкиве на почетоков на писаниево, но како велат – бројките никогаш не лажат. Плус, овие се бројки кои произлегуваат од бизнис секторот, па со тоа имаат дополнителна тежина. 

Во друштво на текстилниот сектор е и угостителскиот, каде најмногу во текот на летната сезона фали кадар. Луѓето кои работеа преку зима, сега се на сезонска работа на Јадранското крајбржје, без разлика дали е тоа во Хрватска или Црна Гора. 

Токму поради заминувањето на сезонска работа, се зборува дека недостигот на работна сила се зголемил на 15.000, а можеби и повеќе. Ќе видиме баш на крајот на годината колку македонски работници заминале на сезонска работа во Хрватска и другите земји. 

Работници фалат и во други потсектори од приватниот сектор. Би рекол, во поголемиот дел од нив. 

Добро. Доволно ја констатиравме состојбата со минусот на работна сила. Е сега, дојде мигот уште еднаш, по не знам кој пат, да им укажам на газдите, т.е. поточно да ги прашам – Што мислевте пред 15 – 20 години кога невработеноста беше многу поголема од што е сега и кога на работниците кои ќе се побунеа за работните услови им велевте дека ќе ги замените со други? Навистина не ми е јасно. Не очекувавте дека ќе се најдете во ваква ситуација? Дека ќе дојде ден кога работниците ќе го диктираат пазарот на трудот? Штом ви е ваква ситуацијата претпоставувам дека не сте мислеле. И ете. Како викаат нашите северни соседи: „Тражили сте, гледајте“.

Неминовно е да се најдете во ваков тесенец кога не сте мислеле на работниците, туку само на тоа како да заработите повеќе. Претпоставувам дека кога ви велеле: „Биди пофер кон работникот, ќе дојде време кога нема да можеш да го најдеш“, вие сте се насмевнувале опуштено и сте велеле: „Абе уживај, стално ќе има аргати“. А сега сигурно седите и ја чешате главата, велејќи си „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ Е, во право бил, но сега тоа веќе не важи. 

И така, сега дојдовме до ситуација да се бара од пензионерите да работат. 

Немам ништо повеќе да додадам. 

Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk