ЕкономијаМакедонија

Е- трговија и дигитален маркетинг – нов профил во велешкото Економското училиште

Економското училиште „Јовче Тесличков“ од Велес од наставната 2022/2023 го воведува новиот профил Електронска трговија и дигитален маркетинг преку кој на средношколците низ образованието им го покажува светот на дигитализацијата во областа на економската наука и информатиката, а со цел да се дигитализираат бизнисите и нивниот маркетинг.

Како новина во оваа средно училиште е што во новата 2022/23 учебна година ќе има Модуларна паралелка од профил Економски техничар за што Министерството за образование и наука за секој ученик од оваа паралелка во текот на целата учебна година ќе издвојува по 3500 денари месечно. Освен овие профили, деветооделенците ќе можат да се запишат и за бизнис администратор за четиригодишно школување и продавач-референт за продажни услуги со тригодишно школување.

Како што информира за МИА в.д. директорот на Економското училиште, Васко Трајковски, преку Отворен ден изминатата работна недела тие го промовираа новиот профил Е-трговија и дигитален маркетинг заедно „Жито маркетите“ кои го следат новиот тренд на дигитализација и кои се нивни партнер со кого имаа долгогодишна успешна соработка. Трајковски посочи дека „Жито маркети“ ги следи сите трендови во дигиталниот маркетинг со цел да се доближи до своите купувачи и да им обезбеди подобра и поквалитетна услуга.

Тој појаснува дека сè повеќе компании ја препознаваат моќта што ја има електронската трговија, дигиталниот маркетинг и влијанието на социјалните мрежи врз нивните купувачи и клиенти.

-Некои компании ги прифаќаат овие промени побавно, некои одат чекор пред времето… за да бидат успешни во деловниот свет мора да ги искористат сите придобивки на модерната технологија и интернетот, потенцира Трајковски.

Додава дека прашањето за образованието во иднината иницира многу предизвици. Прогнозите се дека ќе расте побарувачката на луѓе со креативни и комплексни способности и претприемачки дух и дигитални вештини кои ќе бидат импулс на развојот.

-Младите луѓе треба да бидат охрабрени од сознанието дека овој изменет свет во кој живееме бара нови идеи, нови пронајдоци, нови технологии, нови начини на кои нештата се извршуваат, појасни Трајковски.

Тој вели дека во трката по ново и подобро утре потребен е квалитет кој мора да се обезбеди преку континуирана едукација, отвореност кон бизнис секторот, охрабрување кон иновациите се’ со цел да се справиме со многуте предизвици со кои се соочува модерното општество.

-Затоа ја нудиме новата образовна програма со четиригодишно траење која е изработена според потребите на новото време кое го следи економската струка. Електронската трговија и дигиталниот маркетинг се дел од современиот концепт на бизнис во глобалниот деловен свет. Затоа ги повикуваме сите деветтодделенци од Велес и поширокиот регион од Повардарието, да бидат дел од новиот концепт на модуларно и дуално образование во нашето училиште, вели Трајковски.

Учениците ќе имаат можност да реализираат и практичната настава директно во бизнис секторот со што уште од средно образование можат да станат дел од перспективниот пазар на трудот.

Трајковски информира дека еден од новитетите што го претставија на Отворениот ден за комуникација со нивните потрошувачи е употреба на QR кодот.

Економското училиште по иницијатива на наставниците кои предаваат Иновации, на Отворениот ден ги престави младите претприемачи, идни средношколци кои учествуваа на натпреварот насловен „Фабрика за бизнис идеи“.

Тие се натпреваруваа во четири категориии и се преставија со иновативни идеи.

Најдобрите ги освоија наградите и тоа: за најдобар Бизнис концепт беше избран концептот на фирмата Tehnometaод ООУ,,Св. Кирил и Методиј“, за најдобра маркетинг стратегија беше избрана стратегијата на ООУ,,Васил Главинов“ насловена како Lakeside barbeque, најдобра бизнис идеја беше идејата Savegate на ООУ,, Блаже Конески“ и за категоријата Спремни за работа беше избрана идејата Clovertopia на ООУ ,,Панко Брашнаров“.