Светот на работникот

Животот во Шведска не е бајка – Србин откри што најмногу го шокирало

Еден Србин, кој со години живее и работи во Шведска, сподели искрени и корисни совети на социјалната мрежа Икс (X) за сите што размислуваат да се преселат во оваа скандинавска земја. Неговата објава предизвика лавина реакции – од поддршка до шок кај оние кои не очекувале дека „животот во рајот“ има и своја цена.

Шведска со години важи за една од најуредените земји во Европа – високиот животен стандард, стабилниот систем и квалитетниот живот ја прават привлечна дестинација за многумина кои бараат нов почеток. Но, зад убавите фотографии и високите плати се кријат и предизвици што ги гледаат само оние кои навистина живеат таму.

Србинот, кој на Икс пишува под прекарот @11cyberpunk, не сакал да ја разубавува реалноста. Неговиот прв совет е јасен:

„Имам неколку совети за сите вас кои сакате да се преселите во Шведска. Пронајдете стан преку втора рака додека не добиете стан на свое име. Најдете работа во шведска фирма, бидејќи работата кај Балканци ќе ви се одбие од глава и од грб – буквално кај 95% од нив. Кога ќе почнете да работите, плаќајте синдикат, затоа што тука синдикатот ќе ви помогне ако дојде до проблем со фирмата. Обавезно плаќајте А-каса, затоа што ако ја изгубите работата, една година ќе добивате помош – околу 80% од платата на почетокот, а подоцна износот се намалува.“

Тој особено ја истакна важноста од преговарањето за плата, што во Шведска е сосема нормална пракса:

„Овде е нормално да прашате за плата и да преговарате за неа, никој нема да ви замери. На никого не верувајте – сè што ве интересира веќе постои на интернет, само прочитајте. Некои наши ќе ви кажат дека газдите не сакаат ако сте во синдикат. Никој не знае дека сте член додека сами не кажете – тоа е ваша лична работа.“

Тој го сподели и своето лично искуство:

„Јас сум во синдикат за транспорт. Од нив добивам помош ако сопственикот на фирмата почне да го прекршува колективниот договор или било што друго поврзано со работата. Сите сме платени по час и сме еднакво платени – и оние што се трудат повеќе и оние што работат нормално, бидејќи така стои во колективниот договор. Здравјето и работата се најважни – мислете на себе, затоа што никој нема да мисли освен членовите на вашето семејство. Ние сме потрошна стока за сопствениците на фирми, лесно се заменуваме.“

Во објавата се осврна и на односите меѓу самите Балканци:

„Швеѓаните често поставуваат наши луѓе за шефови, бидејќи сме вредни и одговорни. Но има и такви кои, штом ќе добијат малку моќ, почнуваат да ги малтретираат другите – исто како што нив ги малтретирале приватници во Србија. Само што овде тоа не поминува така лесно.“

Неговите искрени совети одекнаа меѓу корисниците на Икс, кои се согласија дека работата кај нашите луѓе во странство често значи многу стрес и малку права, пренесува Dnevno.hr.

Извор: Bizportal.rs