ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Како да се „натераат“ невработените да се преквалификуваат за потребите на компаниите?

Час поскоро мора да седнеме и да направиме стратегија за да ги поттикнеме невработените да се преквалификуваат. Една од тие стратегии е промена на законската регулатива, рече Зоран Кочоски, Директор на Агенцијата за вработување во странство „Коузон“.

Според него, потребна ни е иницијатива за законска промена со која дел од невработените ќе треба да се насочат кон дефицитарните работни места.

Германскиот систем

На пример, во Германија, оние кои се отпуштени од работа добиваат социјална помош во траење од три месеци. Ако државата не им обезбеди можност за вработување во текот на тие три месеци, ќе го продолжи социјалното на шест месеци, но ќе ги обврзе да направат преквалификација.

„После истекот на тие шест месеци, ако не се преквалификуваат и не прифатат работа и која не е во доменот на нивната стручност, го губат правото на социјална помош“, појасни Кочоски.

Има луѓе кои никогаш не прифатиле да бидат преквалификувани

Кај нас, како што вели, има луѓе кои се водат како невработени „100 години“, односно никогаш не прифатиле да бидат преквалификувани или пак можеби ја немале таа можност.

„Доколку не прифатат да се преквалификуваат, тогаш се социјални случаи по сите основи, па животот ќе ги натера и ќе прифатат да работат нешто друго“, рече Кочоски и праша: Како живеат тие луѓе целиот живот како социјални случаи? Од што живеат? – Претпоставката е дека работат на црно, додаде тој.

Тој цени дека мора да се надмудрат сите оние кои мислат дека се многу паметни и да се направи систем за да се добие јасна претстава за тоа што се случува. Но проблемот тука е што во државата нема со кого да се седне за да ги сослуша предлозите, а тука е и недостигот од критична маса за разговор, бидејќи сите бараат нешто, а никој не знае што бара.

„Сето тоа е депласирано – се прави на ниво на популизам“, наведе Кочоски.

На прашањето дали невработените можат дополнително преку мерки да се стимулираат за да се преквалификуваат, Кочоски вели дека потребно е да се воведе ограничување на можностите по основ на временски период.

„Кажувате, океј, имаме 100,000 невработени – ви даваме шест месеци да се одлучите дали ќе се преквалификувате или нема да уживате социјална помош. Ако си здрав и прав, како не можеш да не работиш? Од што живееш? Од социјална помош од 4-5,000 денари? Не е логично да не се работи“, посочи тој и додаде:

Тогаш, некој ќе каже јас не сакам да бидам земјоделец, сакам да работам во фабрика. Оди работи во фабрика; имаш право да работиш шест месеци. Ако после тие шест месеци констатираш дека не ти се допаѓа или не ти се исплаќа да работиш, дај си отказ. Така барем ќе знаеме дека си дал отказ“, рече Кочоски.    

Според него, доколку сакаме да бидеме дел од Европската унија, ќе мораме да воведеме таков систем.

Законското обврзување за преквалификување се коси со Уставот

Редакцијата на Работник го постави прашањето – дали може невработените законски да се обврзат да се преквалификуваат ако не најдат работа подолг период.

Од Македонското здружение на млади правници ни рекоа дека македонското законодавство досега ја нема регулирано ситуацијата во која невработените лица би биле законски обврзани да се преквалификуваат.

„Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во членот 59-в утврдува дека лицето се брише од евиденцијата на невработени лица, меѓу другото, доколку два пати во текот на две години одбие да се вклучи во обука, преквалификација, доквалификација или субвенционирано вработување. Ваквата ситуација е сосема различна од законското обврзување за преквалификување“, велат од МЗМП.

Од таму истакнаа дека и Уставот на Македонија во членот 32, меѓу другото, утврдува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување и дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Земајќи го во предвид ова, законското обврзување за преквалификација можеби би било спорно од аспект на оваа уставна одредба.

„Неспорно е дека државата треба да има стратешки пристап кон намалувањето на невработеноста преку обезбедување различни типови обуки за зголемување на вработливоста на граѓаните и нудење можности за преквалификација, но не би требало врз основа на закон да наметнува обврска за преквалификување на невработените граѓани“, велат од Здружението.

Фото: Canva

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk