„За работниците би бил од корист, но би изгубиле кадри кои можат да направат вистински промени во државата“
Бобан Илијевски
Порталот Работник изминатата недела ја отвори темата за тоа дали Македонија би требала да склучи договор со Германија за обука на стручна работна сила и вработување. 57 % од компаниите во Германија на една анкета спроведена од страна на фондацијата Бертелсман, се изјасниле дека потребна е транснационална соработка за да дојдат до стручна работна сила која се помалку ја имаат.
Во првиот дел од темата, изјави зедовме од Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија, Г-дин Миле Бошков и Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Г-ѓа Владанка Трајкоска, а воедно ни стигна и реакција од поинаков агол за темата, од страна на Г-ѓа Мери Цакиќ, познавач на областа, д-р по европски студии – социјален дијалог.
Во вториот дел ќе ги пренесеме ставовите на работниците, односно нивните претставници, како и на оние поединци кои се залагаат за унапредување на правата од работен однос во Македонија, како што е Г-динот Бобан Кочовски, Претседател на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“.
Дали треба да биде формално склучен таков договор, сметам дека не би можело да се одговори само со обично „да“ или „не“, рече Бобан Кочовски, започнувајќи да одговара на прашањата на порталот Работник.
Според него, доколку се анализира потребата од квалитетни кадри во приватниот сектор во Германија, би можело да се види дека тие не размислуваат како повеќето балкански земји, туку визионерски им пристапуваат на работите. „Таквиот пристап им овозможува континуиран прогрес, како економски, така и во секоја пора од нивното општество, па воопшто не ме изненадува нивната желба и спремност да инвестираат во луѓе коишто подоцна би им донеле далеку поголем бенефит“.
Осврнувајќи се на ситуацијата со пазарот на трудот во Македонија, тој рече дека државата бележи континуиран пораст на квалитетни кадри, коишто доколку би останале во Македонија, би имале потенцијал да направат позитивни промени во општеството.
„Нашата општествена, економска, правна, па и политичка реалност е таква каква што е, и не верувам дека би се сменила во брзо време, па тоа придонесува нашиот животен стандард, но и плати, да се дијаметрално различни од земјите во западна европа, како што е и самата Германија“, потенцира Кочовски.
Доколку би се склучил таков договор со Германија, вели Кочовски, бенефит би виделе работодавачите во Германија, но исто така и работниците коишто би биле анагажирани во целиот процес. Работниците кои би оделе да работат таму би добиле работни услови какви што би можеле да сонуваат во повеќето компании во Република Македонија, а со тоа би имале и значајно постабилна иднина, објасни Кочовски и праша: но, по која цена за колективот?
„Не ме разбирајте погрешно, воопшто не се противам на потенцијалните успеси на оние коишто би биле дел од оваа приказна, но огромна штета ќе има по нашата држава, бидејќи, да бидеме реални, и онака сме дефицитарни во доменот на квалитетни луѓе, а сме преплавени со просечност и некадарност. Потенцијалниот договор би го зголемил “извозот” на квалитетни луѓе коишто би можеле да ги водат битките за зачувување на ова парче земја, нешто што би било погубно за сите нас“, вели Кочовски.
Тој апелира до работодавачите во Македонија дека мораат да сфатат – праксата да се експлоатираат работниците не носи долгорочни резултати, ниту на нив, ниту на општеството. Таквиот пристап е деструктивен и неодржлив.
Кочовски го изрази верувањето дека треба да се анализираат нештата од поинаков агол, односно дека потребно е работодавачите да инвестираат во своите вработени, во однос на материјален аспект (поголеми плати, разни бонуси…) и нематеријален аспект (флексибилно работно време, безбедна и пријатна работна атмосфера, обуки…) Ваквиот пристап, појаснува тој, би донел поголем профит и на самите работодавачите, бидејќи би имале мотивирани работници кои се кадарни, но пред се, здрави и лојални. Покрај ова, би се зголемил и работниот век на работниците, би се намалиле отсуствата од работа поради боледување, како и би се намалиле сите судски трошоци поради кршење на работничките права и загрозување на безбедноста и здравјето на работниците коишто фирмите ги даваат во моментов.
Дециден е Кочовски и за тоа дека подобрување, односно позитивен ефект би бидел и самиот државен систем, потенцирајќи дека тоа најмногу би се видело во растеретувањето на фондовите за здравство, пензиско и инвалидско, со што тие средства би можеле да се пренаменат на други места, а со тоа ќе се види и генерален пораст на стандардот и условите за живеење, нешта што би придонеле многумина кои размислувале за иднина надвор од Македонија, да дадат втора шанса за живот во сопствената земја.

