НАСА става над 15.000 вработени на принуден одмор поради владиниот прекин
Американската вселенска администрација, НАСА, денес прати околу 15.000 од вкупно 18.218 свои цивилни службеници на неплатено отсуство и ги стопираше повеќето од своите активности, откако американската федерална влада беше блокирана поради неуспех да се одобри буџет во Конгресот.
Според планот за непрекинато работење на НАСА, агенцијата ќе ги затвори сите несуштински системи, ќе ги осигура објектите и ќе издаде формални наредби за неплатено отсуство на вработените во текот на првиот ден, извести денес американскиот научен портал Астрономија.
Во согласност со правилата на федералната влада, дозволени се само таканаречени “исклучителни” активности, кои се законски неопходни или служат за заштита на човечки живот и имот.
Во склад со тоа, НАСА ќе продолжи со активностите на три клучни програми – Меѓународната вселенска станица (МВС), сателитските операции и развојот на програмата Артемис, чија цел е да ги врати луѓето на Месечината.
Заштитата на програмата Артемис претставува значајна разлика во однос на претходните планови за операции за време на блокадата. Во документот од август 2023 година, само МВС и сателитите беа исклучени од застој во работењето.
Во ажурираната верзија на планот од 29 септември 2025 година, додадени се развојните и оперативните сегменти на програмата “Артемис”.
Покрај програмата “Артемис”, исклучоците важат и за операциите на МВС заради заштита на човечки живот, како и за сателитските мисии што се сметаат за потребни за безбедноста и сигурноста на средствата.
НАСА сè уште не соопшти кои сателитски мисии ги исполнуваат овие критериуми.
Иако службениците на принуден одмор нема да примаат надоместок за време на блокадата, тие ќе бидат платени ретроактивно штом владата повторно започне со работа.
Бројот на службеници на неплатено отсуство е поголем во споредба со претходната година, од околу 1.300 во август 2023 година на повеќе од 3.100 во актуелниот план.

