ЗНАЧЕЊЕТО НА “ЛАДНИОТ ЛАНЕЦ” НА ДИСТРИБУЦИЈА ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО ВИСОКО КВАЛИТЕТНИ И БЕЗБЕДНИ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ
Производството на млеко и млечни производи во Република Северна Македонија има своја традиција, кон што особен придонес дава разновидноста на географските обележја, што од своја страна придонесува за разновидност на видовите и рецептурите на млечните производи. За подобар квалитет на производите потребно е да се обезбеди производство на квалитетно млеко. Ова има особено значење ако се има во предвид стремежот на државата за побрзо зачленување во ЕУ – каде постојат високи стандарди и регулативи во ланецот на млеко-производството и млечните производи, беше истакнато на денешната прес конференција во Стопанската комора на Северна Македонија.
Производството на млеко во земјата се карактеризира со голем број мали фарми – традиционални фармери (75% од вкупниот број) кои имаат нископродуктивни 1 – 3 крави со ниско годишно производство на млеко од 2-3 илјади литри по крава. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави (околу 5% од вкупниот број) со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри по крава. Само 3% од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми (репродуктивни центри).
БРОЈНА СОСТОЈБА НА ДОБИТОКОТ ВО РМ 2006-2018 ГОДИНА
| Година | говеда | овци | ||
| Вкупно | Крави и стелни јуници | Вкупно | Овци за приплод | |
| 2006 | 255 430 | 164 013 | 1 248 801 | 858 684 |
| 2007 | 253 766 | 143 217 | 817 536 | 551 379 |
| 2008 | 253 473 | 147 519 | 816 604 | 587 625 |
| 2009 | 252 521 | 128 628 | 755 356 | 521 524 |
| 2010 | 259 887 | 124 553 | 778 404 | 536 528 |
| 2011 | 265 299 | 164 537 | 766 002 | 545 693 |
| 2012 | 251 240 | 161 070 | 732 458 | 520 126 |
| 2018 | 241 607 | 155 432 | 740457 | 531 160 |
| 2019 | 217 790 | 133 740 | 684 558 | 533 393 |
ОТКУП НА МЛЕКО ЗА ПЕРИОД 2005-2018 ГОДИНА
| Година | Вкупно откупено млеко (кравјо и овчо) во илјада литри | Вредност на вкупно откупено млеко (кравјо и овчо) во илјада денари |
| 2005 | 165,899 | 2.008.218 |
| 2006 | 144,910 | 1.870.901 |
| 2007 | 106,799 | 2.003.552 |
| 2008 | 100.602 | 2.551.479 |
| 2009 | 110.566 | 1.882.901 |
| 2010 | 86,347 | 1.494.104 |
| 2011 | 100.821 | 2.565.789 |
| 2012 | 101.265 | 2.296.523 |
| 2018 | 105.996 | 3.125.000 |
| 2019 | 154 132 | 3.130.008 |
ИЗВОЗ/УВОЗ НА МЛЕКО И МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ
| Година | ИЗВОЗ | УВОЗ | ||
| Количина во тони | Вредност во САД $ | Количина во тони | Вредност во САД $ | |
| 2007 | 3,524,439 | 3,845,287 | 22,649,923 | 30,599,560 |
| 2008 | 4,390,379 | 8.712.387 | 19.415.319 | 38.630.366 |
| 2009 | 2.203.974 | 5.253.515 | 26.441.381 | 37.985.684 |
| 2010 | 3.274.670 | 7.387.682 | 25.132.352 | 36.853.570 |
| 2011 | 3.727.166 | 9.904.373 | 31.472.780 | 52.515.519 |
| 2012 | 3.878.254 | 9.863.601 | 38.804.369 | 52.407.890 |
| 2018 | 5.602.300 | 11.402.658 | 36.459.259 | 50.326.948 |
| 2019 | 9.378.229 | 8.555.531 | 44.305.263 | 45.356.213 |
| 2020 | 11.250.368 | 10.856.230 | 55.200.568 | 62.102.565 |
Во млечната индустрија, обезбедувањето висок квалитет на производите започнува уште од преземањето на сировото млеко од фармите, преку дистрибуцијата, па сè до нивното правилно складирање и чување во директните продажни места. Ова е особено важно за кисело-млечните производи, како што се јогуртот, киселото млеко, павлаката и други производи од овој тип, кои се температурно осетливи и за кои е задолжително, во целиот процес на производството, дистрибуцијата, продажбата, па сè до крајното сместување во фрижидер во домаќинствата, да бидат чувани во специфични услови. Токму овој процес се нарекува ладен ланец, а контролирана оптимална температура на целиот ланец е од 2 до 8 степени – информираше Ѓорѓи Петрушев, Претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора на Македонија. Тој воедно го изрази во име на индустријата задоволството од објавената мерка бр. 4 од страна на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руруалниот развој за набавка на висококвалитетни говеда, овци и кози, со што значително ќе се подобри генетскиот материјал на сточниот фонд како и квалитетот на крајниот производ на пазарот.
Целта на оваа кампања е едукација на крајните потрошувачи и продавачите по продажни места за значењето на ладниот ланец и придобивките од почитувањето на истиот.
- Едукација на потрошувачите и продавачите за важноста на одржувањето на квалитетот на производите се до консумација
- Едукација за последиците од прекршувањето на ладниот ланец
- Зголемување на задоволството на крајниот потрошувач на млечни производи
- Зголемена консумација на млечни производи по жител
- Зголемена потрошувачка на млечни производи во продажниот ланец
Преку организацијата за заштита на потрошувачите да се работи на информирање на потрошувачите за нивната улога во процесот – од купување во маркетите до складирање во домашни услови. Среќаваме ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите или на други продажни места не се почитуваат, некогаш од страна на дистрибутерите, некогаш од страна на крајните продавачи, но има ситуации кога не се почитувани ни од самите потрошувачи. Токму затоа, сметаме дека особено е важно и самите потрошувачи да бидат запознаени со сите процеси што треба да претходат за да се добие производ со врвен квалитет. Доколку дојде до прекин на ладниот ланец, се скратува рокот на траење на кисело-млечните производи и доаѓа до промена на квалитативните карактеристики на производот – истакна Петрушев.
Унапредувањето на млечниот пазар во земјата не подразбира исклучиво инвестиции во агроиндустрискиот комплекс, туку и континуирана едукација на сите засегнати страни во комплексниот процес на млекопроизводството, почнувајќи од фармерите и самите млеко-преработувачи, преку дистрибутерите и трговците, па сè до крајните потрошувачи. Темата за запазување на ладниот ланец во целиот овој процес е секогаш актуелна и Групацијата континуирано прави напори преку сите расположливи алатки да ја едуцира јавноста за важноста на одржувањето на квалитетот на производите, но и за последиците од прекршувањето на ладниот ланец, сè со цел да се гарантира задоволството на крајниот потрошувач.
Соработката помеѓу компаниите од комората и надлежните институции, пред се ресорното министерство, Агенцијата за храна и ветеринарство како и Асоцијацијата на потрошувачи на Македонија се одвива на највисоко ниво, во која меѓу другото се токму и повеќе вакви иницијативи и политики што ќе придонесат за развој на индустријата.
Иако состојбата со количините произведено сурово млеко и откупот на истото се чини во моментот стабилна, постојаното поскапување на сточната храна создава загриженост за вториот дел од годината, а особено за последниот квартал. Со тоа состојбите кон крајот на годината кои се вообичаено сложени, може уште повеќе да се усложнат.
Од друга страна, преработувачите се соочени со постојан раст на цената на енергенсите и репроматеријалите (струјата се очекува да поскапи за 20-30%, пет амбалажата, фолии и др.) и истите скоро и да не постои можност да се пренесат на крајниот купувач како зголемена цена на производот – од една страна поради намалената куповна моќ на потрошувачите, но и поради огромната конкуренција на домашниот пазар. Во такви услови, кога и фармерите и преработувачите се соочуваат со поскапување на влезните компоненти, а не постои можност тоа да се компензира со зголемување на цената на крајниот производ, логично е да се бара интервенција од страна на државата преку пакет кризни мерки за оваа индустрија (забрзана исплата на субвенции, бескаматни кредити и сл.). Притоа, свесни за ограничената можност за ваквите интервенции, би барале целокупниот фокус да се насочи кон примарните производители на сурово млеко, затоа што тие се основа на која се потпира целокупната млечна индустрија.
Моментално реалноста е таква да иако законската регулатива постои веќе со години, млекото се плаќа по количина – како литар течност, без оглед на квалитетот. На долг рок, и имајќи ги особено предвид нашите аспирации за влез во унијата, таквата состојба е неодржлива. Затоа е крајно време да заживее исплата на млекото според матрица на квалитативни компоненти (масти, протеини, сува материја, микробиологија, вода).
За да ова профункционира, потребно е да заживее цел еден систем на поврзани институции- земање мостри, проширување на капацитетот на лаборатории за испитување, национална лабораторија за супер контрола, регистар на фармери со историјат на производство и квалитет на истото, исплата на субвенции според квалитет.
Клучно е целиот овој систем да профункционира истовремено и да стане задолжителен за сите чинители на пазарот, без исклучок, инаку повторно се отвара простор за нелојална конкуренција, занемарување на квалитетот и враќање на старото, што за одреден период може да се покаже погубно за домашната млечна индустрија.

