МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Извештајот за медиумите: Платите на македонските медиумски работници се едни од најниските во соседството

   Време за читање 9 минути

Бобан Илијевски

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ постојано потсетува дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана, посочувајќи дека тие се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот (форма на експлоатација) е сериозно распространет, особено во дигиталните медиуми.

Фото: Freepik

Извештајот „Приоритетни проблеми со човековите права во Република Северна Македонија“, којшто е издаден од веб платформата Балкон3, а е финансиран од страна на Европската унија, дава процени за состојбата со правото на слободата на изразување, фокусирајќи се кон слободата на медиумите во Македонија.

Извештајот се повикува на Светската листа на слободата на медиумите за 2020 година која ја изготвува невладината организација Репортери без граници со седиште во Париз. Според таа листа Македонија во 2020 година е рангирана на 92 место, со што се искачила за три места погоре, односно од 95 место и таа има средна оценка од 31,28 поени.

„Сепак како земја кандидатка за членство во ЕУ, се смета дека ЕУ во текот на преговорите ќе настојува на суштествени медиумски реформи во Р.С Македонија. Иако, за разлика од претходната година се забележува незначителен скок од три места на ранг листата по слобода на медиумите, сепак се смета дека новинарите и другите медиумски работници не ја достигнале слободата која се чини дека е неопходна за отворено, независно и транспарентно пласирање на информации во медиумскиот простор“, се вели во Извештајот.

Во него се потенцира дека во оценката за слободата на медиумите за земјата се наведува дека и високи претставници на власта честопати упатуваат закани и навреди насочени кон новинарите.

Организацијата „Репортери без граници“, вели Извештајот, во својот најнов извештај оценува и дека културата на неказнивост е цврсто вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите. Од една страна, посочува, позитивниот аспект е тоа што бројот на физички напади врз новинарите е намален, но подвлекува дека во истиот извештај покажува дека е зголемена праксата на сајбер – мобинг и вербално напаѓање.

„Репортери без граници“ истакнува дека актуелната влада значајно ги намалила рекламите во медиумите, вели Извештајот, кои едновремено претставуваа моќна алатка на властите со која имаа контрола врз медиумите, како и за злоупотреба на државните средства.

Сепак, се наведува дека тоа што на општините и натаму им е овозможено да се рекламираат во локалните медиуми и натаму претставува средство за притисок врз медиумите.

„Во извештајот се оценети како позитивни подобрувањата во сферата на саморегулацијата и работните стандарди на медиумите, како Регистарот на професионални онлајн – медиуми и Повелбата за условите за работа на новинарите и нацртот на договорот за фер вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми“, се вели во Извештајот на Балкон3.

Ранг – листата за слободата на медиумите е направена врз основа на прашалник за различни аспекти од новинарската работа, потенцира Извештајот, како и врз основа на бројот на физички напади и насилнички акти врз медиумските работници и затворските казни изречени против нив во 2019 година.

Македонија, на листата на која има 180 држави, во споредба со земјите во регионот е зад Босна и Херцеговина (58 место), Грција (65 место) и Албанија (84 место), посочува Извештајот, додавајќи дека е подобро пласирана од Србија (93 место), Црна Гора (105 место) и Бугарија (111 место). Прва на листата е Норвешка, а по неа се Финска, Данска, Шведска и Холандија. Последни се, на 177 место, Кина Еритреја и Туркменистан.

Извештајот нагласува дека Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ постојано потсетува дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана, посочувајќи дека тие се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот (форма на експлоатација) е сериозно распространет особено во дигиталните медиуми.

Извештајот се повикува на анкетата спроведена од страна на ССНМ врз репрезентативен примерок од 150 испитаници од новинарската фела, посочувајќи ги заклучоците од истата и подвлекувајќи дека истите ја отсликуваат вистинската состојба на новинарите и медиумските работници во земјата:

  • 35 % од медиумските работници имаат од 15 до 20 илјади денари плата, што е далеку под просечната;
  • 67 % не се задоволни од платата или хонорарот;
  • 63 % одговориле дека никогаш не користеле боледување
  • 23 % не се здравствено и социјално осигурени;
  • 62 % одговориле дека постои социјален јаз во редакцијата;
  • 19 % истакнале дека менаџментот не дозволува синдикално организирање;
  • 21 % не го познаваат Законот за работни односи.

Извештајот заклучува дека ниските примања, како и непочитувањето во целост на Законот за работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочуваат новинарите и медиумските работници во Македонија.

Практики од ЕУ

Кога станува збор за слободата на медиумите, според индексот на „Новинари без граници“, највисоко се рангирани Норвешка, Финска и Шведска, вели Извештајот и посочува дека на 10 место е рангирана Португалија каде слободата на медиумите е рангирана со индекс 11,83 за 2020 година. Македонија на оваа листа се наоѓа на 92 место во светот. Најслабо рангирана членка на ЕУ е Бугарија, на 111 место.

Во Извештајот е посочен примерот со Данска, каде како што се вели во него, најголемиот број на медиуми се во сопственост на фондации и здруженија. Оттука, во Данска не постојат проблеми со политички поврзани бизнис сопственици кои би имале контрола над централните медиуми и ќе можат директно или индиректно да имаат политичко влијание.

„Таков е случајот со една од поголемите медиумски куќи во Данска, ЈП/Политикен хус која ги издава весниците Politiken, Ekstra Bladet и Jyllands-Posten. Тие потенцираат дека улогата на фондацијата како сопственик на медиум има за цел да обезбеди име, максимална независност, а со тоа да се избегне зависноста на медиумот од државата, индивидуалните сопственици или бизниси. Од друга страна, во пракса уредникот ужива посебна заштита. Тој не треба да дава извештаи дури ни на Бордот зошто одлучил одредени работи да бидат објавени. Теоретски тие можат да бидат отпуштени поради некоја сторија, меѓутоа во пракса ваков случај не е забележан. Самата фондација зема 5% од профитот на медиумот а со цел да обезбеди резерва, останатите 95% се во сопствеништво на медиумот“, се вели во Извештајот.

Заклучоци

И покрај бројните медиуми, на медиумската сфера во земјата и недостасува вистинска конкуренција, професионализам, самостојна уредувачка политика и професионални и модерни услови за работа, се вели во Извештајот.

Се посочува дека сопствениците на медиумите водени од сопствените бизнис интереси и нивната партиска афилијација наметнуваат начин на работење и мешање во уредувачката политика, на што ретко кој главен уредник може да се спротивстави и да застане во одбрана на слободното информирање. Иако благодарение на професионалните организации како Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите и медиумските работници овие состојби се значително подобрени за разлика од минатите десетина години, сепак новинарството во земјата останува на ниски гранки, а новинарите се изложени на притисоци и закани.

Истакнува дека ниските плати во новинарството придонесоа голем број новинари со искуство да преминат на други работни места и други области, а новинарството да стане неатрактивна и слабо платена професија.

„За жал, големата одговорност што ја имаат медиумите не соодветствува со ниските плати и изложеноста на притисоци. Но и покрај овие состојби новинарите и понатаму се речиси единствените што се борат со неправилностите во општеството и државата, откриваат афери и скандали и вршат притисок врз институциите да си ја вршат работата“, се вели во Извештајот.

Подлвекува дека не само во споредба со европските земји, туку и во споредба со соседните земји, македонските медиуми заостануваат не само во опременост и во професионални стандарди, туку и новинарските плати се меѓу најниските. Позитивен тренд е што постои се почеста соработка со професионалните здруженија и колеги од европските земји, кои помагаат не само во подигање на стандардите и критериумите во новинарството, туку и во кревање на гласот против лошите политики во медиумската сфера и обидите за вршење притисок врз новинари и медиуми.