„Имаме олигарси на компании со милионски профит со работници пријавени на минимална плата“
Во втортиот дел од анализата за трудовиот систем во Македонија, Порталот Работник побара став од синдикат и организација на работодавачи коишто ги дадоа нивните согледувања за истиот.
„Приватизацијата овозможи работодавачите да му ја вадат душата на работникот“
Иван Пешевски, заменик – претседател на Синдикатот на градежништво, индустрија и проектирање – СГИП, за порталот Работник вели дека прашањето за трудовиот систем е многу комплексно, па тој започна со тоа што претставува трудов систем.
Кај нас, вели Пешевски, преодниот систем од социјализмот наваму има претрпено доста измени во смисла на трудовото законодавство, нагласувајќи дека тие се во корист на работодавачите.
„После овозможената приватизација на државните претпријатија, Република Македонија доби нови ‘газди’ на приватни компании кои полека, но сигурно до ден денешен, слободно ќе кажам, му ја вадат душата на работникот“, вели Пешевски.
Од една страна, истакна Пешевски, имаме олигарси на компании со милионски профит, наспроти работници пријавени на минимална плата. Вели дека претходниот систем тоа не го дозволувал од проста причина што најголемиот дел од компаниите биле државни, за разлика од денеска кога многу повеќе работници има во приватниот сектор.
Закони на хартија има, но недостасува нивната примена
Според него, она што недостасува денес е токму примената на Законите кои треба да бидат контролирани од страна на државата, односно инспекцијата.
„Капацитетите се толку слаби, а би рекол и корумпирани во голем процент што секогаш пред законите повторно се исправни работодавачите наспроти работниците. Овие неправди тешки се за докажување дури и по судски пат, бидејќи кругот е толку магичен што државата е многу понаклонета кон работодавачите без при тоа да помисли дека и самиот буџет се полни токму од трудот на работниците. Овој систем денес функционира преку Економско-социјален совет кој има претставници од работниците, работодавачите и од самата држава (Владата), но секој пат кога треба нешто да се донесе во полза на работниците тоа се одолговлекува до фаза и да не се донесе, без разлика која политичка опција е на власт. (последен пример е неработната недела за сите работници – законско решение кое го чекаме скоро 3 месеци и сеуште нереализирано)“, подвлече Пешевски.
Пешевски вели и дека недостасува примената на други Закони, меѓу кои актуелен и важен е Законот за безбедност и здравје при работа. Нагласува дека претставниците на власта многу малку сакаат да ги слушнат и применат забелешките на синдикалните претставници кои според него се најреални, бидејќи доаѓаат токму од теренот на којшто работат работниците.
Секогаш ќе имаме неприменливи закони, вели тој, колку и да се добро напишани на хартија доколку не произлезат од барањата, потребите и можностите од оние засегнати страни кои треба да ги почитуваат.
Подвлече дека на работодавачите секогаш одредени одредби ќе им бидат скапи на грб на работникот кој секогаш, како што вели, ќе биде гледан само како потрошен материјал и евтина работна рака.
Посочи дека прашањето е до толку болно, што многу дејности меѓу кои и секторот во кој Синдикатот каде што тој работи припаѓа, да градежните работници немаат право на бенефициран стаж.
„Тоа исто така во некоја мера кажува колку на работодавачите и власта им се битни работниците кој својот живот го оставиле на работните места, а не можат достоинствено да заминат во пензија и осетат благодет за тоа што го сработиле низ животот“, вели Пешевски.
Потребен е систем на релевантни и репрезентативни институции за да се усогласат Законите
Многу тесно поврзани да не речам нераскинлив составен дел на трудовото законодавство покрај Законот за работните односи и Законот за Безбедност и здравје при работа кои погоре ги споменав, посочи Пешевски, се и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за здравственото осигурување, Закон за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, Закон за придонеси од задолжително социјално осигурување, Закон за еднакви можности на жените и мажите, Закон за спречување и заштита од дискриминација, Закон за заштита од вознемирување на работно место, Закон за мирно решавање на работните спорови како и Закон за минимална плата во Република Македонија.
Истакна дека за сите овие Закони бидат усогласени навистина е потребен систем во кој само релевантни и репрезентативни институции со свои претставници треба да учествуваат и допринесуваат, нагласувајќи дека притоа треба да се има во предвид дека работникот не е робот и да даде поголема можност за одмор, социјален живот, негување на семејни потреби и вредности, образование и се останато од тековниот живот, бидејќи проблемите од работното место се одразуваат и на останатиот дел од животот, а тоа е поради стрес на работно место, ниски плати, несигурни работни места итн.
Регулирање на работата од дома (далечина)
Според него, голем акцент се дава оваа година и на работата од дома која почнува за одредени дејности да станува нормална, а при тоа не е дефинирано ништо во нашето законодавство сеуште околу заштита при работа на тие работници, злоупотреба на работното време и времето за одмор, осигурувањето и останати прашања кои повеќе од една година не се регулирани поради пандемијата од Сарс – Ков 2 вирусот.
За тоа се потребни, посочи тој, нови Анекси кон Договорите за вработување, одредени Правилници на ниво на компанија, измени и дополнувања на Колективните договори онаму каде ги има, бидејќи имаме измени во подзаконските акти кои веќе го регулираат заразувањето со Сарс – Ков 2 вирусот како професионално заболување (се мисли на здравствените работници).
Смета дека се нужно потребни законски измени пред се во Законот за работните односи, но и во Законот за Здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување каде задолжително би се вклучила медицината на трудот.
„Од друга страна по однос на истиов проблем пак европските и светските синдикати предлагаат исклучување после работното време за тие што работат од дома токму поради фактот што голем број работници биле злоупотребени и работат многу повеќе часови од дома отколку пред пандемијата кога своите работни задачи ги обавувале во просторија кај работодавачот. Сметам дека со ова би се обезбедила подобра заштита на работниците во сите сектори“, вели Пешевски.
Потребно е целосно пренесување на системот на евиденција на синдикатите и организациите на работодавачи во Централниот регистар на РМ
Нагласи дека има трудов систем којшто во Синдикатите и Организациите на работодавачи се нарекува регистрирање во Министерството за труд и социјална политика, што за него е сосема нелогично.
Смета дека треба целосно пренесување на системот на евиденција на синдикатите и организациите на работодавачи во Централниот регистар на РМ бидејќи во Социјалниот дијалог овие засегнати страни се сосема спротивни а не “под лупа” на власта. Исто така, според него, поголем акцент треба да се стави на Колективните договори на сите нивоа, бидејќи истите во судска постапка имаат сила на Закон.
Додаде дека дека државата многу повеќе треба да води сметка за приватниот сектор и истиот да го наградува или олеснува со други финансиски политики, бидејќи единствено тој е главен двигател на БДП-то и сите останати државни службеници користат бенефити од истиот кој пак е должен да обезбеди средства и за себе и за државата, односно тие вработени обезбедуваат покрај својата плата и плати за државната администрација и претставниците на власта.
„Во пракса постои голема дискрепанца помеѓу правата во Законот и Колективните договори и праксата“
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека работните односи се многу важна алка во функционирањето на економскиот систем.
„Работничките права е потребно да се гледаат од два аспекти: првиот е подобрите услови за работа на работниците, правата на годишен одмор, надоместоци и додатоци на платата и се разбира редовно исплата на плата согласно законите. Вториот аспект е фактот дека работничките права се еден од критериумот за условите на стопанисување и преголемите права ја нарушуваат конкурентноста на компаниите спрема компаниите од земјите во кои постои поголем либерализам во поглед на работничките права“, истакна Димитров.
Како пример посочи дека и во светот постојат многу разлики помеѓу нивото на заштита на работничките права, нагласувајќи дека познато е дека во Америка постои по либерален систем на отпуштање од работа за разлика од Европа.
Вели дека Македонија е дел од Европа и се стреми кон европскиот модел, со тоа што ги има потпишано најголемиот број на Конвенции на Меѓународната органија на трудото и Директиви на ЕУ од оваа област кои Македонија се обврзала дека ќе ги почитува.
Посочи дека во пракса постои голема дискрепанца помеѓу правата во Законот и Колективните договори и праксата.
„Нашиот Закон за работни односи нуди голема заштита на работничките права и во некои области таа е поголема и од европските земји. Наспроти тоа во пракса постојат компании кои се уште не ги почитуваат ниту основните работнички права, како што е работата на црно, нередовна исплата на плати, непочитување на годишните одмори, неевидентираната прекувремена работа и слично“, истакна Димитров.
Треба да се зголемат капацитетие на Државниот инспекторат за труд
Големите казни за прекршоци кои постоеја во минатото, вели Димитров, не го дадоа резултатот и стана очигледно дека не се единствениот начин за решавање на проблемот.
Според него, новиот Закон за работни односи треба да изнајде механизми почитувањето на работничките права да го зголеми не преку нивно зголемување, туку преку одредби кои ќе го спречат нивното непочитување.
Подвлече дека е потребно зголемување на капацитетите на Државниот инспекторат за труд и еднакво почитување на законите на целата територија на земјата и на сите компании.
Бобан Илијевски

