Витаминка одбележа 70 години како еден од симболите на македонската индустрија
Витаминка АД Прилеп одбележа 70 години од своето постоење, јубилеј што ја потврдува нејзината позиција како една од најуспешните и најпрепознатливи македонски компании и лидер во прехранбената индустрија.

По повод годишнината, компанијата организираше посебна прослава за вработените и нивните семејства, со што уште еднаш ја потврди својата посветеност кон луѓето кои се темел на нејзиниот успех. Во рамки на настанот беа доделени благодарници на вработени од различни сектори како признание за нивната посветеност, труд и долгогодишен придонес во развојот на компанијата. Прославата беше исполнета со бројни забавни содржини и активности за сите генерации, овозможувајќи им на вработените и нивните семејства да поминат квалитетно време заедно, да се дружат и да создадат нови заеднички спомени.

Во рамки на одбележувањето беше организиран и корпоративен настан во присуство на претставници на институции, деловни партнери и соработници, на којшто беа доделени признанија на долгогодишни партнери и соработници како знак на благодарност за успешната соработка и придонесот во развојот на компанијата. На настанот беше претставен и Извештајот за одржливост за 2025 година, како дел од целосното усогласување со ESG практиките.

Во текот на седум децении, Витаминка израсна во компанија чии брендови се дел од секојдневието на повеќе генерации потрошувачи. Денес, нејзините производи се присутни на пазарите во над 30 земји ширум светот, претставувајќи успешен пример за македонски бренд со меѓународна препознатливост.

Зад ова достигнување стојат континуирани инвестиции во современи производствени процеси, развој на нови производи и постојано унапредување на квалитетот, како и посветеноста на генерации вработени кои во изминатите 70 години биле дел од развојот на компанијата.

Седумдесетгодишнината претставува значајна пресвртница за Витаминка и потврда за нејзината улога како еден од најпрепознатливите македонски брендови, чиј успех и развој оставаат траен белег во домашната индустрија и на меѓународните пазари.

