„Им се извинувам на граѓаните, но ова што го бараме е неопходно и итно“
Вработените во јавниот сектор, односно во управата, правосудството, војската, полицијата, здравството, културата… продолжуваат со штрајкот што го почнаа во средата. Сојузот на синдикатите, пак, кој е организатор на овој штрајк од денеска го зголемува притисокот врз надлежните во државата за прифаќање на нивните барања со блокада на сообраќајници.
Освен во регионите викендов погодени од невремето, каде граѓаните ги добиваат сите услуги, административците во сите други градови низ државата и понатаму штрајкуваат на работните места, со исклучок на 10 проценти од нив кои ги извршуваат итните и неопходните активности. По минатонеделните протести со поставување столчиња за пратениците и министрите пред Собранието, Владата и Министерството за финансии, изутринава ССМ три часа го блокираше влезот во Скопје во Автокоманда, кај Земјоделскиот факултет. Исто така, на самиот булевар постави и шатори.
– Денеска ССМ во револт и со одлучност е тука на раскрсницата пред Земјоделскиот факултет во Автокоманда, каде што покажува дека одлучно стои на своите барања, кои се неопходи и солидарни, а тоа се зголемување на платите за 2.806 денари од 1 јули, како и враќање на од дамнина изгубениото право на регрес за годишен одмор од 30 до 100 проценти од просечнмата плата, изјави претседателот на ССМ Дарко Диоомовски.
Тој им се извини на сите граѓани, зашто низ блокадата може да поминат само полициски и возила на итната помош, но како што рече, тоа што го проават е навистина неопходно бидејќи се најавува нова цена на струјата, ценовните шокови по продавниците се исти, а имаме и енергетска, како и нафтена криза.
-Единствнео упатувам барање до централната и до локалната власт да го прифатат ова што го бараме – линеарно, солидарно зголемување на платите веднаш, зашто македонскиот работник навистина не може да го издржи сево ова што го набројав, како ценовни кризи, енергетски кризи, а во поново време и нафтена криза, рече Димовски.
Исполнување на барањата се бара преку потпишување нов Општ колективен договор за јавниот сектор или преку прифаќање на амандман на ребалансот на буџетот со кој до крајот на годината би се обезбедиле пари за бараното зголемување на платите.

