Индустријата ќе се соочи со намалување на работници и во следниот период
Бобан Илијевски
Бројот на работници во индустријата се намалува. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика кои велат дека бројот на работници во август 2021, во однос на август 2020 година е намален за 1,7 %. Исто така и бројот на работници од јануари – август 2021, во однос на истиот период лани е намален за 2,1 %.
Според засегнатите од ситуцијата, и во наредниот период се очекува пад на работниците во индустријата, поради тоа што на виделина започнуваат да излегуваат негативните последици кои ги предизвика корона кризата.

Зошто опаѓа бројот на работници во индустријата?
Трајан Ангелоски од Индустриската комора при Сојузот на стопаски комори за порталот Работник вели дека падот на работниците во индустријата е резултат на актуелните случувања во индустријата, повразни со пандемијата од Ковид – 19.
„Минатата година, со појавувањето на короната и сите оние состојби кои ја следеа короната, веднаш не можеа да се почувствуваат негативните влијанија, бидејќи постоеја претходни нарачки, договорени работи и слични дејствија кои беа под поволно позитивно влијание на претходниот период“, вели Ангелоски.
Тој потенцира дека оваа состојба трае предолго, дека имало премногу затворања низ целиот свет и премногу ограничувања во смисла на транспоротот, доцнење на испораки и пореметување на светската економија. Смета дека доаѓа моментот на наплата на сите тие негативни влијанија и веќе тоа почнува конкретно да се одразува со намалувањето на бројот на работници.
Според него, намалувањето на работници е најмногу изразено во автомобилската индустрија, каде одредени компании веќе ги праќаат вработените на платени, полуплатени и неплатени принудни одмори, поради тоа што нарачките во овој момент, се речиси целосно стопирани. Вели дека се чувстува и во другите индустрии, а најмалку потреси има во градежништвото. Сепак, Ангелоски нагласува дека кога ќе се види македонската реалност, а тоа е дека нема големи проекти во Македонија, се доаѓа до заклучокот дека и градежништвото ќе има негативни последици.
Трендот на намалувањето на работници во индустријата ќе продолжи
На прашањето дали овој тренд на намалување на бројот на работници ќе продолжи во иднина, Ангелоски рече дека за наредните неколку месеци најавите не се поволни, потенцирајќи дека се очекува зголемување на цените на струјата гасот и останатите енергенси, со што дополнително ќе се создадат проблеми во индустријата.
Негова претпоставка е дека ситуацијата може да се подобри, евентуално во втората половина на 2022 година, доколку здравствената криза некако се стави под контрола преку вакцинација и други одредени мерки. Подвлече дека почетокот на следната година ќе биде лош, како и секој друг почеток, поради тоа што има празници и со тоа ќе има и помалку работа.
„Повторувам, втората половина на следната година. Крајот на оваа година е за месец – два. Почетокот на следната година ќе биде како секој почеток кој и во добрите години е лош, затоа што е зимски период и има божиќни одмори и поради тоа релативно слабо се работи, како и, претпоставувам, здравствната криза ќе биде се уште присутна. Во втората половина од годината може да се очекува подобрување, меѓутоа оваа здравствена криза почнува да станува една голема светска и европска економска криза која не знаеме од кој агол ќе не изненади, но секојдневно не изненадува“, вели тој.
Потенцира дека прво се појавил проблемот со ланците за снабдување низ целиот свет, драстично скокнале цените на многу производи, потоа се појави и недостаток на производи и последното е со растот на енергенсите, така да, како што вели, поволни информации тешко може да се очекува.

