ИНТЕРВЈУ Негриески: Да се прогласи мораториум на вработувањата во јавната администрација во рок од 4-8 години
Имајќи ја во предвид огромната економска криза и неможноста без задолжување Владата да ги исплаќа своите обврски, потребно е најпрво да се прогласи мораториум за вработување во јавната администрација во рок од 4-8 години. Така преку природен одлив може да се намали бројката на администрација. Исто така преку исплата на отпремнини, Владата треба да се обиде дополнително да ја намали бројката, вели Претседателот на синдикалната организација на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој при САДУ, Стефчо Негриски во интервјуто за порталот Работник.
Разговараше: Бобан Илијевски
Работник: Како ја оценувате состојбата со работничките права во јавната администрација?
Негриески: Состојбата во администрацијата, не само со правата на вработените, е катастрофална. Тоа е последица на континуираната негрижа од страна на работодавецот за сите аспекти од работењето во јавната администрација, но и незаинтересираноста на самите вработени за остварување на своите права. Меѓу вработените преовладува мислењето, дури тоа е преминато во апатија, дека е невозможно да се менуваат состојбите во администрацијата. Голема улога во оваа состојба на апатија игра партизацијата, односно се верува дека за да се добие работно место во администрација, мора да се пристапи во партиско членство и во суштина вработените се чувствуваат должници кон оние кои им го обезбедиле тоа вработување.
Видете ја само последната измена на законот за административни службеници со која се изврши деградирање на степенот на образование и стручноста на административните службеници. Направена со повод да се зголемат платите на колегите кои останаа под прагот на минималната плата од 18 илјади денари, што е за поздравување, Министерството за информатичко општество и администрација како предлагач на законот, направи класична урамниловка во примањата на административните службеници каква што немаше ни во социјалистичка Македонија. Па така бодовите за пресметка на плата за степен за образование за завршено факултетско образование (VII/1 или 240 кредити), се намалени од 200 на 56, а во делот за ниво, односно кариера или можеме тоа да го наречеме лојалност, оти нели така треба да напредува човек во кариерата, се намалени од 281 на 106 (ова е за стручен соработник од прво ниво). Ова намалување на бодовите за образование и кариера Владата го надополнува со минималната плата како основа за пресметка на плата во јавната администрација, која е во фиксен износ. Со ова, дојдовме во ситуација да еден референт со завршено средно образование, но кој има стаж да кажеме од 15-тина години, но и некој додаток за кариера кои постоеја во стариот закон кој што беше во сила до 2016 година, да зема поголема плата од ниво помлад соработник или виш соработник, за кои се бара високо образование. Ќе се сложите дека ова е неприфатливо. Но, и покрај повиците од страна на синдикатот за протести, одзивот беше никаков. Измените на законот напишани преку ноќ, без никаква дебата а од суштинско значење за платите на вработените во јавната администрација, си поминаа во Собранието.
Има уште многу примери на постојано намалување на правата, како погоре спомнатото укинување на додатокот за степен на кариера, избегнување да се исплати регрес за годишен одмор иако тоа право се стекна со гранскиот колективен договор од февруари 2020 година. Една интересна работа се случи лани во август пред локалните избори, кога владата на мала врата преку Законот за извршување на буџет определи додатоци на плата од 15-30 % на вработените во органите на државната управа кои работат на имплеметација на ИПА фондовите, но и за зголемен обем на работа и сложеност на работното место. Сето ова одговорните лица во институциите го протолкуваа како дискреционо право кому да се даде а кому не, па предизвика уште поголема поделеност меѓу колегите. Инаку според мене е класична дискриминација, со оглед дека двајца мои колеги кои се во пар на терен, значи постојано заедно ги извршуваат работните задачи, на едниот му е доделен додаток, а на другиот не. Понатака, во многу институции не се исплаќаат дневници за службени патувања, ниту додаток за ризично работно место иако истите права се дадени со материјалниот закон. Тука можеме да зборуваме во недоглед за укинати права на вработените во јавната администрација, каде тешко е да се најде пример каде работодавецот постапува законски. Еден невиден хаос.
Но, тука не се за занемарување и условите во кои работат административните службеници. Некаде канцелариите се понатрупани и од штали, се работи на застарена опрема, за разлика од порано не се одвојуваат средства за обука на вработените, а многу чести примери има и за несоодветно одржување на хигиената во работните простории и санитарните јазли.
И покрај немањето услови, се продолжува интензивно со нови вработувања по сите основи, законски и незаконски. Па така последниве години, барем во државната администрација, се измисли вработување на определено време согласно Законот за работни односи, иако во материјалниот Закон за административни службеници точно е предвидена постапката за селекција при вработување. Со ова по скратена постапка без потребното полагање тестови во Агенцијата за администрација, но и докажување на посебните услови кои се бараат согласно систематизациите, се полни администрацијата со нестручни кадри. Повторно дискриминација на сите оние колеги кои го поминале законскиот пат за добивање работно место во администрацијата. Еден друг проблем кој што тлее со децении е вработувањето со договори за дело, каде колегите со години работат за надомест често и помал од минималната плата, без притоа да им се плаќаат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.
Јас ве уверувам дека колку и да се трудите нема да најдете држава како Македонија, каде државните институции се први во кршењето на законите.
Работник: Како синдикален претставник во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, со какви предизвици досега сте се соочиле?
Негриески: Уште на самиот почеток во 2013 година, кога ја формиравме синдикалната организација, се соочивме со контрасиндикално здружување кое тогаш сите го нарекоа „директорски синдикат“. Се уште кога се потсетувам на тоа време, не ми е верно дека колеги со кои поминувате по 8 часа дневно заедно, можат да го поделат синдикалното здружување со цел да ја намалат неговата сила, по принципот раздели па владеј. Но низ годините и покрај притисоците, кои морам да признаам не беа мали, успеавме да ја сочуваме синдикалната организација и денес сме репрезентативна синдикална организација во нашата институција. И после 9 години, мој најголем предизвик е постоење на една единствена синдикална организација затоа што силата е во единството. Редовно од наша страна до нашите колеги од другата синдикална организација испраќаме понуди за спојување, но од другата страна не наидуваме на позитивни сигнали.
Сите констатирани проблеми во првото прашање се континуирано наш предизвик. Но, тешко е да се реши било каков проблем во државна институција преку преговарање и договарање со одговорното лице. Во нашата институција и покрај постоење на две синдикални организации во кои членуваат повеќе од половина од вработените, се уште не сме потпишале колективен договор на ниво на работодавец. За решавање на проблемите обично мора да се покрене жалба до второстепена комисија или тужба пред граѓански суд. Ние доста често сме ги користеле правните лекови и тоа доста успешно. Морам тука да се пофалам дека наш член со поддршка од синдикалната организација, успеа да докаже мобинг и тоа е една првите, ако не и прва правосилна пресуда за констатиран мобинг во државава.
Доста голем проблем во јавната администрација па и во нашата институција се меѓучовечките односи и управувањето со човечките ресурси. Ова е последица на партиските вработувања и унапредувања, непостоењето на мерит систем со кој реално ќе се оцени учинокот на вработените, раководители кои не можат да воспостават авторитет и сето тоа предизвикува незадоволство кај оние кои се стручни и квалитетни, ама немаат „вујко владика“. Со оглед на фактот дека веќе и нашата институција е пренатрупана со нови вработени, работодавецот веќе и не може веројатно поради немање на финансиски средства, да обезбеди обуки за вработените. А кај нас се работи доста специфична работа. Агенцијата е надлежна за имплеметација на ИПАРД Програмата (петта компонента од ИПА), но и за националните мерки за рурален развој и директните плаќања во земјоделството, популарните субвенции. Во Агенцијата годишно пристигнуваат околу 100 илјади апликации од корисници и може да замислите како може да се снајде нововработен кој згора на се завршил образование кое нема допирни точки со земјоделството, а вработен е на повисока позиција од колеги кои 15 години граделе кариера во администрацијата. Тука само ќе потсетам дека обуките и усовршувањата се законски права на вработените во администрацијата.
Моментално голем предизвик ни е да договориме исплата на дневници за службени патувања, со оглед на фактот дека околу 50 колеги работат во Секторот за контрола на терен и секојдневно се во штала или на нива, а не земаат ни денар за дневници иако тоа право е дадено согласно закон и гранков колективен договор. Гледам некаква воља кај директорот ова прашање да го решиме со договор. Исто така наш колега член на синдикалната организација покрена парнична постапка за исплата на додаток на плата во висина од 30% од основната плата за ризично работно место, кои како такви се предвидени во актот за систематизација. Како што спомнав и погоре, работите се движат споро и потребно е вложување многу енергија за остварување на правата кои се дадени со закон.
Работник: Колку се почитуваат законите коишто се однесуваат на вработените во јавната администрација?
Негриески: Воопшто не се почитуваат. Јас доста често велам дека кај нас закони се носат за да се знае како да се работи спротивно на нив. Дури и за најмалите ситници. Еве ќе ви дадам само еден мал пример од нашата институција. Погоре спомнав дека во август лани се донесе измена на Законот за ивршување на буџет, со која се определија додатоци на основната плата по различна основа, оние кои одговорните лица ги толкуваат како дискреционо право. Ајде што самото тоа дека примања од плата се регулираат со овој закон, невидена работа до сега, тоа е како работните односи да ги уредите со Закон за санација на банки на пример, туку пресметките беа и се уште во многу институции се прават погрешно. Во основната плата на административните службеници влегува и компонентата минат труд (стаж), а нашите сметководители додатокот го сметаа на основица која не ја содржи компонентата стаж. Заради вака погрешни пресметки секој кој добива додаток е оштетен за 500-1000 денари месечно нето. Кај нас во Агенцијата ни требаа 8 месеци за да го исправиме ова, но знам дека во многу институции уште се прават погрешни пресметки.
Или да ги разгледаме вработувањата во јавната администрација согласно Законот за работни односи во скратена постапка, како и договорите за дело. Класично кршење на материјалните закони за административни службеници и јавни службеници. Ваквиот начин на вработување на определено време надвор од материјалните закони, е класична дискриминација на оние државни службеници кои ја поминале целата постапка за вработување законски. Има такви кои 10 и повеќе години градат кариера во администрацијата и не се мрднати од звањето “помлад соработник” (најниско звање во државна служба за административците со високо образование). За на крај да ви дојде шеф кој е вработен во една скратена постапка (незаконски), без претходно искуство во администрацијата. Во правото важи принципот – Lex specialis derogat legi generali, или во превод законот со кој се уредува одредена тема (материјален закон) е секогаш посилен од законот на истата тема кој ги уредува општите прашања (општ, генерален закон). Но, во овие веќе традиционални постапки за вработување, се постапува спротивно на овој принцип. Во овие случаи се прави токму спротивното, се дерогира специјалниот закон кој нормира посложена постапка за вработување во државната администрација и се применува општиот, со што се полни администрацијата во рок од 5 дена, без притоа да се спроведат разните тестирања кои ги предвидел материјалниот закон. Исто така, во овој случај само одговорното лице е тој кој што ги назначува членовите на комисијата за вработување и во суштина постапката поприма елементи на дискреционо право. Да не зборуваме за тоа дека на кандидатите кои се одбиени не им е дадено правото на жалбена постапка. И никој не сноси одговорност за ова, туку напротив, ваквиот начин на вработување стана формалност.
Работник: Она што присутно како мислење во јавноста е дека во јавната администрација има големи плати. Што велите Вие на ова?
Негриески: Да, но тоа се смешни тврдења. Вистинското прашање тука е дали секој вработен во администрацијата ја заслужува платата. Платите во јавната адмистрација, за факултетски образуваните кадри, се движат во распон од 22 до 45 илјади денари во зависнсот од нивото. 45 илјади зема раководител на сектор. Платата на стручен соработник од прво ниво, односно човек кој е прв оперативец во една организациона единица, изнесува 27 илјади денари. Ќе оставам секој од читателите сам да заклучи дали ова се високи примања. Јас ви тврдам дека за оние кои си ја сакаат работата и ажурно си ги извршуваат задачите, ова се премали примања.
Дека е ова така, ќе ви кажам една работа која веќе премина во традиција во јавната администрација. Штом наближи лето, нагло се зголемуваат барањата за неплатено отсуство од три месеци, кое многу наши колеги го користат за да заминат на печалба. Не верувам дека тоа го прават затоа што сакаат, туку за да можат да преживеат.
Дополнително, последната година имаме историски највисока стапка на инфлација, незабележана уште од времето кога се распаѓаше Југославија. Платите на јавните службеници последниве шест години се зголемени само еднаш во 2017 година и тоа 5%, а истиот тој период минималната плата е зголемена за цели 50%. И во овој случај Владата не го почитува Законот за минимална плата во кој е предвидено усогласување на другите плати со висината на минималната плата. Со ова, државната служба ја сведе на минимална плата, а за такви примања веќе не можете да привлечете квалитетни кадри.
Работник: Со оглед на тоа дека долго време работите во јавна администрација, на каков начин, според Вас, би требало истата се да се направи да биде ефикасна?
Негриески: Имајќи ја во предвид огромната економска криза и неможноста без задолжување Владата да ги исплаќа своите обврски, потребно е најпрво да се прогласи мораториум за вработување во јавната администрација во рок од 4-8 години. Така преку природен одлив може да се намали бројката на администрација. Исто така преку исплата на отпремнини, Владата треба да се обиде дополнително да ја намали бројката. Тука мислам на доброволно заминување со една фер сума како отпремнина, која според мене би била 3 годишни плати за секој кој ќе ја напушти аадминистрацијата, но и ќе потпише изјава дека нема повторно да аплицира за вработување следните десет години. Така ќе се направи простор за зголемување на платите на професионалците во администрацијата во државните институции и нивна поголема мотивација. Од друга страна средствата кои државата ќе ги одвои за отпремнини ќе покренат инвестициски циклус во приватниот сектор, што ќе допринесе до зголемување на вработеноста, но и посилно полнење на буџетот.
Од аспект на зголемување на ефикасноста, крајно време е да се направи ревизија на сите систематизации во државните институции. Факт е дека актите ни одблизу не ги одразуваат потребите за стручен кадар, туку истите се изработувани по потреба, „шнајдерски“, а и се менуваат почесто од чорапи . Согласно правилникот за подготовка на систематизациите, описите на работните места произлегуваат од надлежностите, односно јавните овластувања, односно дејност на институцијата, нејзиниот стратешки план и/или програмата за работа, како и од функционалната анализа. Од она што го гледам во овие 15 години откога сум дел од јавната администрација, можам слободно да заклучам дека ваквите систематизации каде се предвидуваат вработувања на кандидати со образование кое не е адекватно за дејноста на институцијата, направено е класично харакири на стручноста. Ќе се сложите дека истото претставува и деградација на самата личност која потрошила време и средства за да се школува во една област, а на крај работи во дејност за која нема доволно познавања, ниту интерес. Тука би го спомнал мојот пример. Како дипломиран земјоделски инженер, веќе 8 години во мојата институција работам во одделението за јавни набавки.
Понатака, потребно е да се забрза процесот на дигитализација на јавната администрација. Државата како работодавец мора да изнајде начин како да ја осовремени опремата во институциите, но и да обезбеди средства за обуки и усовршување на вработените. Само луѓе кои знаат што работат можат брзо и квалитетно да ги решаваат предметите. Дигитализацијата ќе придонесе до поголема транспарентност во работењето на јавните служби, но и до намалување на можноста за корупција. Тука како позитивен пример би ја истакнал целосната дигитализација на постапките за јавни набавки од 2012 година навака, што доведе до енормно убрзување на постапките за јавни набавки, но и убеден сум, скратување на можностите за корупција, како и зголемување на конкуренцијата на тендерите. Денес за да работите јавни набавки потребно е да се посетува обука и на крај да се полага за сертификат, кој мора да се обновува на секои 3 години. Вакви примери ни се потребни повеќе.
И на крај, секако воведување на мерит систем, во кој секој вработен ќе ја добие вистинската оценка, па и плаќање по учинок. Ние мора еднаш засекогаш да се оттргнеме од прегратките на социјализмот и да ги наградиме најквалитетните и најдобрите. Добар потег би било кога во законот би се вратиле додатоците за степен на кариера, но и нови алатки за награда на најуспешните, но сето тоа да биде со јасно утврдени критериуми. Постојат многу модели во земјите од ЕУ и не е тешко истите да се воспостават и кај нас.
Вака како што се сега поставени работите, ситуацијата може да ја опишеме со народната „многу бабици, килаво дете“.

