Истражување: Над половина медиумски работници имаат плати под просекот, во порталите секој трет е пријавен!
Истражување на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници покажува дека 55 проценти од 3.146 медиумски работници имаат потпросечни плати. Од вкупниот број, 53 отсто се жени во оваа професија. Една петтина, односно над 600 работат во онлајн медиумите, каде што, според истражувањето, е и најголем процентот (над 70) на медиумски работници што примаат плати под државниот просек.
– Во онлајн медиумите, 39,1 процент ги уживаат правата од Законот за работни односи, односно се вработени со полно работно време. Она од што стравувавме и имавме првични наоди – се покажа како сурова реалност: вработените медиумски работници во интернет-изданијата се само една петтина од вкупниот број работни позиции, односно над 600 вработени. За жал, само еден од тројца вработени е редовно пријавен на полно работно време, а платите се под државниот просек – рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски, соопштувајќи ги резултатите од истражувањето спроведено од Синдикатот, во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“ во партнерство со Институтот РЕСИС и со поддршка од Европската Унија.

Истакна дека економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот, како што рече, треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права. Притоа, посочи дека Европската комисија нотирала дека е потребно и подобрување дијалог меѓу синдикатите и Владата со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина време, без социјално и без здравствено осигурување.
Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека за да ја работат новинарите својата работа, треба да има соодветни политички, економски и општествени услови. Во опкружувањето денес и промените што се случуваат, рече амбасадорот, новинарството, за жал, не е привлечна професија за младите, а има и некои што се привлечени, можеби од погрешни причини, како што рече, „не за да ја откријат вистината, туку за да извршат некакво влијание“.

Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинари, во онлајн обраќање се осврна на синдикалната борба на новинарите во регионот и во Европа. Порача дека за да се заштитат независноста и професионалноста на медиумите, неопходно е да се инвестира и да се подобри социоекономскиот статус на новинарите.
– Важно е да се осигурат независноста, одржливоста на медиумите со тоа што ќе се заштити социоекономската состојба на новинарите. Само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти, можеме да создадеме клима/опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на стражари на вистината и стражари на јавниот интерес – рече претседателката на ЕФН.

