И покрај штетите од пандемијата, Владата очекува намалување на невработеноста на едноцифрен број
Бобан Илијевски
Уште од самото формирање на Владата во 2020 година, едно од клучните ветувања беше намалување на невработеноста на едноцифрен број до крајот на мандатот, но ковид кризата во голема мера го разниша пазарот на трудот, со што се намалија и шансите ова да се оствари. Многу работници останаа без работа, особено од најпогодените сектори, како туризмот и угостителството, транспортот, текстилната и кожарска индустрија итн. Од друга страна имаше и пад на Бруто – домашниот производ. Тој за целата 2020 година изнесуваше -4,5 % (Државен завод за статистика). Сепак, и покрај падот, Владата најави дека очекува раст на БДП од 4 до 5 проценти, но воедно најави дека ќе се отворат и нови работни места, преку нови инвестции.

„Основана алатка за намалување на невработеноста на едноцифрен број е Агенцијата за вработување“
Порталот „Работник“ ја праша Владата на Р. Македонија дали се уште останува на заложбата за намалување на невработеноста на едноцифрен број и покрај штетата којашто ја нанесе корона кризата врз економијата и пазарот на трудот.
Од Владата истакнаа дека со исклучителна посветеност работат на проблемот со невработеноста и нејзиното намалување на едноцифрен број. Основна алатка којашто, како што велат, Владата ја поседува во оваа насока е оперативниот план за вработување кој го спроведува Агенцијата за вработување и за кој оваа година е издвоен според нив, рекорден буџет кој надминува 24 милиони евра.
„Покрај тоа Владата активно работи и на креирање на стабилно и предвидливо деловно опкружување со што истовремено на постоечките компании, но и на оние кои сега одлучуваат да влезат во инвестициски потфат им гарантира ‘фер правила на игра’, но истовремено и една среднорочна предвидливост со што секој економски субјект ќе може полесно и на подолг рок да ги планира своите активности“, посочија од Владата.
Потенцираат дека уште еден показател за тоа дека Владата активно е посветена на поддршка на инвестициите е и фактот што оваа година од иницијално издвоените 10 милиони евра за поддршка по Законот за поддршка на инвестиции, со предложениот ребаланс, Владата ја зголеми оваа ставка на 13,2 милиони евра со кои ќе се поддржат компаниите кои имаат склучено договори за поддршка на нивните инвестиции во нови погони и технологии, што во крајна цел резултира со зголемување на бројот на вработени лица во Република Македонија.

„Очекуваме невработеноста до 2024 година да се намали на едноцифрен број“
На прашањето што прави Владата во насока да ја намали невработеноста на едноцифрен број и дали оваа заложба може да се оствари до 2024 година, од Владата истакнаа дека стапката на невработеност на крајот на првиот квартал од 2021 година е 16 %, потенцирајќи дека ова е последниот официјален статистички податок.
Владата со креирањето на економски мерки работи во насока на подобрување на перформансите на македонската економија со што покрај останатите статистички индикатори, очекуваат невработеноста да се намалува за 1,5 до 2 % на годишно ниво, со што очекуваат во 2024 година, невработеноста да стигне до едноцифрен број.
„Тука е вредно да се каже дека оваа влада покрај традиционалниот пристап на мерење на пазарот на труд преку стапката на невработеност, при креирањето на своите политики прави детални анализи и модели за поддршка земајќи ја предвид и стапката на вработеност, па така овој индикатор на крајот на првиот квартал е 47,1 %, при што имаме голема разлика кога се гледа поделбата според пол – стапката на вработеност кај мажите е 55,7 %, додека кај жените изнесува 38,4 % на крајот на првиот квартал од 2021 година“, велат од Владата.
„Планот на Владата е тешко остварлив, но не е невозможен – тоа ќе зависи од многу фактори“
Економскиот аналитичар Мирче Јовановски смета дека тешко е остварило невработеноста да се намали на едноцифрен број, но воедно вели дека не е невозможно, додавајќи дека тоа ќе зависи од многу фактори.
Доколку како појдовна точка, вели Јовановски, се земе податокот дека стапката на невработеност во 2017 година изнесуваше 22,4 %, а минатата пандемиска година достигна 16,5 %, значи пад за шест процентни поени во период од три години, тогаш проекциите во новата Фискална стратегија 2022 – 2024 за стапката на невработеност од 8,6 % (значи намалување за речиси 8 процентни поени) изгледа прилично амбициозно, имајќи во предвид дека стопанството се уште ги чувствува силно последиците од ковид кризата и нејасно е кога ќе „застане на нозе“, односно ќе се врати на патеката на одржлив раст.

Тој подвлече дека во случај Македонија или нејзините трговски партнери да ги удри уште некој бран од корона кризата, тешко дека ќе се реализираат заложбите за раст на БДП од 4 – 5 %, но и дека помала е веројатноста да се отворат нови работни места.
„Од друга страна добро е што во текот на пандемијата мерките што ги презема Владата во повеќе наврати спасија голем број работни места, како што анализираат независни економски институти кај нас, но и придонесоа за формализирање на над 14 илјади работни места, како што наведуваат во анализата од Фајнанс тинк. Ова покажува дека средувањето на состојбите во делот на пазарот на трудот може да придонесе за реализирање на заложбите за помала стапка на невработени, иако клучно во овој дел ќе бидат остварувањето на повисоки стапки на раст, повеќе инвестиции и стимулирање на претприемаштвото“, вели Јовановски.
Тој нагласи дека треба да се земе во предвид и иселувањето на најпродуктивната работна сила кое, како што прогнозира, ќе се засили во постпандемискиот период.
Невработеноста може да се намали, но дали преку вработувања или иселување?
На прашањето дали невработеноста ќе се намалува преку вработувања или пак преку иселувања, Јовановски истакна дека и двата фактори ќе имаат влијание, потенцирајќи дека за тоа кој од овие два фактори ќе биде подоминантен, зависи пред се од случувањата во наредниот период во Македонија, односно дали ќе се реализираат плановите за капитални вложувања, дали ќе има странски директни инвестиции и дали ќе се создава амбиент за претприемништво.
„Дури и во периодот на пандемијата, младите заминуваа и покрај постојните ограничувања. Тоа значи ако не се создаваат услови кај нас за вработување на младите, но и доколку конечно не се зафатиме со она што се подразбира под владеење на правото и градење правна држава, тогаш било какви други мерки нема да ги дадат посакуваните резултати и на младите пред првата опција ќе им биде да заминат“, посочи Јовановски.
На долг рок рецептот за намалување на невработеноста е образовниот процес, градењето на човековиот капитал и основното – правна држава
Побаравме и негов став во однос на тоа како би требало да се пристапи кон системско намалување на невработеноста, на што Јовановски рече дека на краток рок она што може да се направи е да се реализираат капиталните инвестиции кои Владата ги најави и да се продолжи со поттикнување на стартапите.
„На среден и долг рок, рецептот е познат – преку образовниот процес, градење на човековиот капитал и се разбира основното – правна држава, борба против корупцијата … Како што беше истакнато и деновиве на Преспа форумот за дијалог во Охрид на еден од економските панели, финансиите потоа сами ќе дојдат, а со нив и нови и квалитетни и добро платени работни места“, подвлече Јовановски.
Фото: energepic.com from Pexels

