Вести

Како да влезете во „водите” на дигиталниот маркетинг? Одговорот го дава Буба Атанасовска Велјаноски, контент и маркетинг менаџер

Дигиталниот маркетинг е сфера којашто станува сѐ попопуларна во денешната ера на дигитализација и продавање на производите преку интернет. На оваа тема денеска разговаравме со Буба Атанасовска Велјаноски, контент и маркетинг менаџер во BizzBee Slolutions – македонски стартап за продажба, менаџмент, консултанство и lead generation (процес на генерирање на интерес од страна потрошувачите, со цел продажба на производите/услугите).

Во интервјуто разговараме за дигиталниот маркетинг како професија, но и за тоа како нашата соговорничка станала дел од истата. Со неа разговараше Бобан М. Илијевски.

Работник: Која е Вашата професионална биографија? И зошто се одлучивте да влезете во водите на дигиталниот маркетинг?

Атанасовска Велјаноски: По професија сум дипломиран преведувач од англиски и француски јазик на македонски. Дипломирав на филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје, со голема желба да бидам успешен преведувач. За себе можам да кажам дека сум роден лингвист, од најрана возраст се забележуваше дека имам талент за изучување странски јазици, наследен од мојот покоен татко. На писмените задачи и тестови по англиски, сите препишуваа од мене, хахах. Само што, животот имаше други планови за мене. Преведувањето не е моја примарна професија, повеќе е хоби. Никогаш не мислев дека ќе работам нешто поврзано со маркетинг. Работејќи како професор по англиски јазик, после неколку години ми се случи оној ‘AХА’ момент, кога сфатив дека не сакам повеќе да го работам тоа. Дека дадов се од себе во таа професија, бев истрошена и немав повеќе што да дадам. И се запрашав што друго би можела да работам. Веднаш ми беше јасно – можам да пишувам контент. Мојот влез во контент светот беше преку вратите на една норвешка компанија за илустрирана, дигитална детска литература. Ја обожавав работата, и знаев дека тоа е тоа. Ова треба да го работам. Ова е моето место.
Неколку години подоцна случајно забележав оглас за работа за позицијата копирајтер (*пишување на рекламни текстови за производите/услугите на една компанија) во BizzBee Solutions – компанијата каде што работам сега. Се пријавив на огласот и останатото е историја.

Работник: Што е дигитален маркетинг и што сѐ спаѓа во него?

Атанасовска Велјаноски: Дигитален маркетинг е огромен океан на вештини, експертизи, алатки и потпрофесии. Доколку морам најкратко да сублимирам, дигиталниот маркетинг опфаќа употреба на бројни дигитални тактики, стратегии, алатки и канали за да се поврзете со клиентите каде што поминуваат најголем дел од своето време – онлајн. Постојат илјадници тактики и сратегии кои спаѓаат под капата на дигиталниот маркетинг и можат навистина да ви помогнат вам и на вашите клиенти. Во последно време дигиталниот маркетинг е многу популарна професија, бидејќи ниту еден бизнис не може да биде успешен доколку го нема онлајн. Зад медиумската присутност на една компанија/бизнис постои маректинг тим којшто изработува маректинг стратегија. Изработка на маркетинг стратегија значи комбинирање на повеќе експертизи – креирање на содржини, SEO оптмизација, изработка на видео/аудио содржини, дизајнерска поддршка, и секако девелоперска. За секаков тип на бизнис има стратегија која може да го направи многу поуспешен. Како што споменав маркетингот е огромен океан на експертизи, а најактуелен и најупсешен вид на маркетинг е маркетинг на социјални медиуми. Живееме во догитална ера. Се што правиме, сакаме, купуваме, сѐ е онлајн. Ако не си онлајн значи дека не постоиш. Оваа практика го промовира вашиот бренд и вашата содржина на социјалните медиуми за да ја зголеми свеста за брендот, да оствари продажба и да привлече сообраќај кон вашата фејзбук и веб страница. Социјалните медиуми кои можете да ги користите за промовирање на содржина се: LinkedIn, Facebook, Twitter, Instagram, Snapchat, Pinterest, Google+, YouTube, Threads, итн. Секој од овие социјални канали си има свои предности и носи свои бенефити, во зависност од тоа каков тип на бизнис и содржина се обидувате да промовирате. Дали ‘продавате’ производи или нудите бизнис решенија и услуги, коишто чинат многу. B2B (бизнис со бизнис) или B2C (бизнис со потрошувач), се двата различни сектори во коишто може да оперира еден бизнис. BizzBee Solutions работи B2B, и користиме маркетинг на социјални медиуми, LinkedIn и Email outreach како главни канали за промоции и пристапување до потенцијални клиенти. B2C е е-трговија којашто најчесто користи платени реклами за промоција на своите производи, бидејќи се најчесто со многу помали цени отколку услугите коишто се нудат во B2B светот. Други популарни видови на маркетинг во B2C светот се Pay-per-Click (Плати-од-Клик) – Ова е вид на рекламирање за привлекување на поголем сообраќај кон вашата веб страница. Според овој тип на рекламирање вие всушност плаќате само тогаш кога некој ќе кликне на вашата реклама, на овој начин не се трошат залудно пари и рекламите се поефективни.

И, најактулелниот вид на маркетинг во последно време – Affiliate Marketing (Афилиеит маркетинг). Ова е вид на рекламирање каде што вие рекламирате производ на некоја друга компанија на вашата веб страница. Од секоја направена продажба вие земате процент согласно договореното.

Ги има уште многу, но за да не прерасне интревјуво во книга, ќе запрам тука.

Работник: Имате дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на насоката Преведувач од англиски и француски јазик. Колку ова Ви помогна во кариерата како контент маркетинг менаџер?

Атанасовска Велјаноски: За да бидеш успешен маркетер МОРА течно да зборуваш и пишуваш на англиски јазик. 90% од маркетинг агенциите и компаниите со маркетинг сектори (не верувам дека не постои таква која што нема маркетинг оддел), работат и соработуваат главно со странски пазар. Англискиот е работен јазик на речиси секој професионалец од која било индустрија. Дипломирањето на катедрата за преведување и толкување при филолошкиот факултет “Блаже Конески,” беше мојата отксочна даска во мојата маркетинг кариера. Заедно со мојата љубов кон пишаниот збор и желбата да помагам добри идеи да прераснат во успешни бизниси, се совршениот микс којшто ме води низ работата и годините.

Работник: Како се стекнавте со потребните вештини за дигитален маркетинг? Завршивте некаков вид на дополнително образование или самостојно учевте?

Атанасовска Велјаноски: Низ работата. Едноставно животот се погрижи да се најдам во вистинско време на вистинско место. Во BizzBee научив се што знам за маретингот. А најмногу од Данчо Димков – основач на BizzBee Solutions, и Вера Ефтимосвка – поранешен маркетинг менаџер на BizzBee Solutions. Двајцата ми беа ветер во грбот. А јас сум таков човек што кога ќе ме поттурнат, полетувам.

Работник: Кој е најдобриот начин да се стекнат вештини и знаења од областа на дигитален маркетинг самостојно, без да треба да се оди на курс или обука?

Атанасовска Велјаноски: Јас сум жив пример дека не мора да се посетува официјално или неофицијално образование или курс за да се работи дигитален маркетинг. Бар денес е лесно човек да се едуцира на интернет. Има илјадници туториали, видеа, книги, кратки курсеви кои многу често се бесплатни или се со симболична цена којашто секој може да си ја дозволи. Може да не научите само ако не сакате да научите. Во дигиталната ера зборчето ‘не знам’ не постои. Буквално сѐ може да се најде, научи, види онлајн. Најмногу се учи низ работата. Би ги советувала сите што сакаат да започнат кариера во маркетинг да посетуваат пракса во некоја маркетинг агнеција. Некои од праксите се и платени. Како на пример кај нас, во BizzBee Solutions. Не бараме претходно искуство. Само желба, посветеност и одговорност.

Работник: Оваа професија е една од оние кои континуирано се развиваат и се менуваат, во зависност од напредокот на алгоритамот на Гугл и другите сегменти коишто спаѓаат во Оптимизацијата за пребарувачи или SEO (Search Engine Optimization). Како најдобро да се биде во тек со новостите. Што препорачувате да се следи? И се разбира, кои други аспекти, освен SEO, би требало да се земат предвид за да се биде успешен во дигиталниот маркетинт?

Атанасовска Велјаноски: Точно. Маркетингот е најбрзо растечка индустрија, а воедно и една од најбрзо менливите. Секој ден излегуваат нови трендови коишто се наметнуваат на пазарот, а доколку не ги следиме, губиме на секој можен начин. Алгоритамот на Google и сите социјални платформи толку брзо се менуваат што мора буквално секојдневно да смислуваме различни пристапи за да го поттикнеме и задржиме вниамнието на нашата публика. Постојано сме во тек со сите маркетинг трендови и го користиме она што ни одговара на нашиот стил и вид на бизнис. SEO е техника/алатка за зголемување на видливоста на вашата веб-страница, со тоа го зголемува сообраќајот и носи повеќе можности за вашите потенцијални клиенти да станат купувачи. Да се има оптмизиран вебсајт со релевантни клучни зборови е можеби и најодлучувачката работа за иднината на вашиот бизнис. Доколку не се најдете на некоја од првите страни на Google, е исто како да не постоите. Освен SEO многу важен е квалитетот на содржината што ја постирате на социјалните мрежи. Дали таа има некаква вредност на вашата таргет-публика? Какви проблеми решава? Дали поттикнува некаква реакција? Дали ги тера луѓето да дознаат повеќе за вас и, идеално, да го купат вашиот производ/услуга?

Работник: Многумина ги интересира, па морам да прашам – колку отприлика може да заработува еден почетник, а колку некој кој има, на пример, две до три години искуство кое е релевантно за дигиталниот маркетинг?

Верувам, платата е секогаш најважна. За почетник, најважно е да биде фокусиран да учи, да гради вештини, да создава кариера. Тоа е многу поважно од платата која ќе ја зема на почетокот, бидејќи тоа е само една варијабла којашто е многу променлива и може да расте и опаѓа како што ќе расте индивидуата и ќе менува компании. За почеток би им советувала да работат дури и неплатени пракси, дур стекнат некакви вештини коишто ќе ги направат поконкурентни на пазарот на трудот. Понатаму како што ќе стекнуваат повеќе вештини и искуство, ќе заработуваат повеќе. Она што е одлично во оваа професија е што нуди многу можности и за фрилеснс заработувачка. Има милиони начини како да го монетизираат знаењето.

Работник: Што би ги советувале младите кои сакаат да започнат да се бават со оваа професија, а што оние кои сакаат да направат кариерна промена и да се насочат кон дигиталниот маркетинг?

Атанасовска Велјаноски: Да учат. Да градат вештини. Да следат трендови. Да не се плашат да се обидат и да згрешат. Сѐ се учи, само треба да сте поттикнати од вистинската мотивација. А таа доаѓа од самите нас. Од нашата желба да се градиме приватно и професионално во подобри и посреќни личности. Маркетингот е професија во којашто јасно се гледа дали ја работиш со љубов. Се забележува возбудата за некој нов тренд, за убава содржина, за интересно откритие. Не е работа којашто може секој да ја работи, и особено не е работа која што може да се работи туку-така, колку за да се работи нешто. Толку креативните професии бараат посебни карактери. Луѓе храбри, смели, љубопитни и креативни. Борбени личности коишто сакаат да го сменат светот во поубаво место. Зборовите се нашето најмоќно оружје и останува на нас како ќе ги искористиме. Јас одлучив да ги користам за раст. До следно пишување – верувајте и вложувајте во себе и своето знаење. Ќе ви се исплати.

Фото: Приватна архива

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk