ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Како компанијата „Раде Кончар“ нематеријално ги мотивира своите вработени?

Бобан Илијевски

Порталот Работник спроведе анкета за тоа колку на вработените им е важна нематеријалната мотивација за да бидат попродуктивни во извршувањето на својата работа. Резултатите покажаа дека таа е важно за нив, со оглед на тоа дека 82,5 % од испитаниците се за зголемување на годишниот одмор, додека само 17,5 % сакаат истиот финансиски да им се надомести. Исто така, само 12,3 % од испитаниците истакнаа дека сакаат поголема дневница за да работат преку викенд, додека 87,7 % изјавиле дека сакаат сабота и недела да им бидат денови за одмор.

Како работодавачите гледаат на нематеријалното мотивирање на вработените?

Владанка Трајковска е нов Претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија. Таа воедно е и менаџер на фабриката „Раде Кончар“. Разговорот со неа го започнавме со прашањето како гледа на нематеријалното мотивирање, со цел зголемување на продуктивноста на вработените.

Фото: ТВ 24

Успешните компании знаат дека и покрај сите други претпоставки и ресурси, односот кон вработените е еден од основните фактори на успехот, започна Трајковска, посочувајќи дека работодавачите кои имаат способност да ги мотивираат своите вработени имаат голема предност. Потсети дека за да се биде добар работодавач потребно е да се биде добар слушател, а тоа значи да му се посвети онолку внимание на секој вработен поединечно, во толкава мера за тие да не се чувствуваат генерализирани.

„Системот на работење се става во ‘погон’ само ако човекот е доволно мотивиран, а мотивирањето на вработените воопшто не е лесно. Верувајте, секојдневно размислувам и ги консултирам колегите кој е најефикасниот начин за мотивирање“, вели Трајковска.

Денес се соочуваме со сосема поинакви принципи на вреднување и мотивирање, продолжи таа, надополнувајќи дека во услови кога најголем работодавач се уште е државата, мотив за вработување во индустријата речиси и да не постои.

Трајковска за пример ги зеде младите, посочувајќи дека тие немаат „ама баш никаква желба“ да работат во фабрики и погонски услови.

„Изгубена е желбата да се докажуваат во развој, во иновативност. Младите денес сакаат брз напредок, не толерираат повозрасните колеги со понизок степен на образование, но со поголемо искуство да им бидат тутори. Незадоволството потекнува од комплетниот систем, а тоа се пресликува и во работењето“, истакна таа.

Потенцираше дека незадоволството потекнува од комплетниот систем, а тоа се пресликува во работењето, наведувајќи дека во вакви услови дефинирањето на нематеријалните мотивациски фактори претставува сериозен проблем.

Во многу наврати, вели, зборувала дека за вработените не е предизвик и не е мотивација само платата.

„Платата е задолжителна институција во нашата држава, без разлика дали работникот е ефективен во своето работење или не. Продуктивноста веќе не е право пропорционална со платата, а тоа ги менува сите останати критериуми“, вели Трајковска.

Финансиската награда, посочи Трајковска, може да биде мотивирачки фактор, но не секогаш и не на долг рок. Постојат уште една цела низа на мотивациски фактори кои ќе обезбедат силно афирмирање на вработените, и истите да не се од материјална природа. Кога станува збор за мотивирањето преку пари, како што вели Трајковска, вработените се секогаш подготвени да ја напуштат компанијата само затоа што на друго место ќе добијат повеќе.

Ја прашавме и за тоа на кој начин би требало работодавачите нематеријално да ги мотивираат вработените, на што Трајковска рече дека мотивацијата е базирана на задоволство и доверба, потенцирајќи дека треба да се земе во предвид дека задоволството за еден, не претставува задоволство за друг вработен. Додаде и дека незадоволството е преносливо.

Кога апатијата ќе зафати поголем број на вработените, проблемот станува многу посериозен, вели таа.

Според неа, има многу начини како работодавачот може да ги мотивира своите вработени уште еднаш посочувајќи дека најпрво е потребно да биде добар слушател.

„Треба да има трпение и една нишка на родителски однос со секој вработен поединечно. Сите ние треба да сме свесни дека нашите вработени се личности со сопствени емоции и вредности, што ги интегрираат во нивната работа“, рече Трајковска и додаде дека она што на сите работодавачи треба да им биде водилка во нематеријалното мотивирање на своите вработени е нивната сигурност и иднина. Наведува дека за одредување на вистински мотив потребно е да се следи индивидуата и нејзините потреби, пол, семеен статус, возраст.

Треба на вработените да им се овозможи да се чувствуваат дека се дел од тимот, смета Трајковска. Нејзин став е и дека комуникацијата е клучен фактор, бидејќи преку неа може да се стекне јасна слика за тоа што се случува во работењето.

Посочи дека и малите нешта, како одредени дружења надвор од работното време, како одење на натпревари, концерти… се исто така добра мотивација.

Таа како фактори за нематеријална мотивација ги издвои и јавните пофалби, надополнувајќи дека тивките укори не делуваат дестимулирачки врз мотивираноста. Воведувањето на флексибилно работно време, за неа претставува исто така добра нематеријална мотивација за млади работници, како и за млади родители, но подлвече дека не секоја дејност може ова да го прифати како начин на работа.

Ја прашавме и за тоа како таа на нематеријален начин ги мотивира своите вработени во фабриката „Раде Кончар“. Трајковска рече дека она што се постигнува со поголема мотивираност на вработените и што се јавува како краен резултат е зголемено ниво на операциска ефикасност, во смисла на време и пари.

„Споменав и погоре, работодавачите кои имаат способност да ги мотивираат своите вработени се во предност. Работењето во фабрика како што е нашата е исклучително тешко. Верувајте, мал е бројот на млади кои се мотивирани да работат во оваа индустрија. Желбата за нивно надградување, нивно учество во креирање на нов производ, не е веќе мотив. Навистина е многу тешко да ги мотивираме младите да работат во индустрија. Секојдневно со моите колеги изнаоѓаме различни начини да го промениме тоа. Образовниот систем во изминатите години комплетно го промени вреднувањето на производството како желба за самодокажување.

Таа вели дека младите сега повеќе од некогаш, имаат можност да ги следат случувањата надвор од државата, истакнувајќи дека светот им ја прикажува само светлата страна и убавите услови за работење, но не секој ја има привилегијата на таков живот.

Што се однесува до вработените во „Раде Кончар“, таа вели дека се трудат да ги мотивираат секојдневно. Сакаат секој вработен да се чувствува сигурен и слободен да го искаже својот став и размислување. Вели дека нивните вработени имаат слобода во секое време да се обратат за било каква помош, разговор, сугестија или забелешка. „Вратата на мојата канцеларија е секогаш ширум отворена за сите предлози, критики и забелешки на вработените“.

Имаат редовна пракса, преку која сакаат да ја поддржат секоја желба на вработените да го продолжат своето образование, а кое е тесно поврзано со нивното работење. Наведе дека го стипендираат секој вработен кој сака да го продолжи своето доедуцирање. Нивна цел, како што вели, е да имаат квалитетни и мотивирани работници.

Пред пандемијата, вработените со високо образование во фабриката поминувале по еден месец пракса во Јапонија, каде се стекнувале со менаџерски вештини директно презентирани од менаџерите на светски реномираните компании, како што се Тојота, Панасоник и други.

„Имаме повеќегодишна пракса да се собираме на крајот од годината и заедно да го оцениме нашето работење од годината која поминала. Со мала закуска, со извлекување на заклучоци и дефинирање на идните активности ја завршуваме секоја година. Имаме традиција да наградиме еден најдобар работник за изминатата година и тоа секојпат е директен работник, односно работник кој директно работи во производство. Во гласањето за најдобар работник учествуваат директните претпоставени и тие ги даваат предлозите“, подвлече Трајковска.

Организираат и Новогодишни прослави за сите вработени, како и приредби за нивните дечиња.

Таа заврши со тоа дека во оваа тешка пандемиска година за сите, успеале да организираат и вакцинирање на нивните вработени кои искажале интерес за тоа, во соседна Србија. Сите трошоци за превоз и храна биле на товар на компанијата.

Заклучи дека сакаат да им покажат на своите вработени дека се нивното најголемо богатство и дека без нивниот ангажман не би имале успех во работењето.

Фото: Freepik