Договорено усогласување на платите на наставниците со минималната плата помеѓу СОНК и МОН
Бобан Илијевски
На денешната работна средба со министерката за образование и наука Мила Царовска отворивме повеќе прашања. Пред се го отворивме прашањето за почетокот на новата учебна година, рече Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков, во изјава за порталот Работник.
„Така како што беше најавено во јавноста постојат повеќе модели во зависност од здравствената состојба во државата и по тој основ Царовска ни презентираше дека најверојатно учебната година ќе започне со физичко присуство на учениците и наставниците. Министерството цени дека има доволен број на вакцинирани вработени во дејноста образование, со што е намалена опасноста по нивното здравје и севкупно по здравјето на учениците. Од таа причина изразуваме големо задоволство што наставата ќе се одвива со физичко присуство, барем на почетокот, се додека не се сменат околностите“, рече Неделков.
Неделков истакна дека со Министерката го отвориле и прашањето за безбедноста на работните места на наставниците и професорите, со оглед на тоа што во средното образование има доста реформирани училишта, каде што се става акцентот на техничките училишта. На сметка на тоа во конкурсите за упис на ученици во средните училишта има намалување на паралелки, поради што тие како синдикат се загрижени за дел од наставниците на кои ќе им фалат часови, да не останат со намалена плата. Сепак, добиле уверување дека тоа ќе се изменаџира на централно и локално ниво и дека ниту еден наставник и професор нема да остане со помала плата.
Разговарале и за започнување на преговори за склучување на Колективни договори за основно и средно образование, во којшто ќе се вметнат некои работи коишто долго време ги загрижуваат вработените, при што со ова би се надминале проблемите.

„Едно од клучните прашања за кои разговаравме и го договоривме е усогласувањето на платите во основното и средното образование со минималната плата на национално ниво. Со тоа, долгогодишниот проблем со којшто имаме т.н. ‘урамниловка’ или подобро објаснето тоа значи дека за различни работни места со различна сложеност се добива иста плата, ќе се надмине овој проблем, од една страна, додека, од друга страна ќе имаме осетно зголемување на платите на голем број на работни места“, рече Неделков.
Посочи дека од Колективните договори ќе има и други придобивки, како што се работење во тешки услови, комбинирана настава, а ќе побараат и зголемување на коефициентите за работа во такви паралелки, како и во паралелки со ученици со посебни образовни потреби, преместување на вработени коишто подолго време работат во оддалечени рурални средини или мотивирање преку зголемување на платите на вработените.
Неделков смета дека за многу брзо би дошле до заеднички текст со Министерството за Колективните договори.
Додаде дека СОНК и МОН преку конструктивен дијалог се стремат кон тоа да решат што е можно повеќе отворени прашања кои ги засегаат вработените во образованието.

