СветСиндикат

Канадската влада презеде мерки за прекин на штрајкот

Ер Канада во саботата ги прекина сите операции откако повеќе од 10.000 стјуардеси и стјуарди стапија во штрајк по истекот на рокот за постигнување договор, оставајќи илјадници патници ширум светот во хаос.

Портпаролот на Канадскиот синдикат на јавните службеници (CUPE), Хју Пулио, потврди дека штрајкот започнал бидејќи не бил постигнат договор. Веднаш потоа авио-компанијата соопшти дека ќе мора да ги суспендира сите летови, јавува AP.

Компанијата беше приморана да откаже вкупно 700 летови, што погоди повеќе од 100.000 патници кои мораа да бараат алтернативни решенија.

Министерката за труд, Пети Хајду, на прес-конференција изјави дека побарала од Националниот одбор за индустриски односи да донесе обврзувачка одлука за двете страни и веднаш да го прекине штрајкот. Таа додаде дека авиокомпанијата предупредила оти ќе ѝ бидат потребни четири до пет дена за целосно да ги обнови операциите.

Ер Канада понудила зголемување на вкупната компензација за кабинскиот екипаж за 38% во рок од четири години, со 25% зголемување во првата година, но синдикатот оценил дека понудата е недоволна.

Синдикалните лидери ги повикаа членовите да се соберат пред најголемите аеродроми во земјата – во Торонто, Монтреал, Калгари и Ванкувер.

Компанијата информира дека меѓу откажаните се и летовите на нејзиниот огранок Ер Канада Руж, додека регионалните подружници Ер Канада Џез и PAL Airlines ќе продолжат да летаат нормално.

Жестоката борба околу колективниот договор ескалираше во петокот, кога синдикатот го одби барањето на компанијата за арбитража со посредство на владата – што ќе го укинеше правото на штрајк и ќе овозможеше третата страна, медијатор, да ги одреди условите на новиот договор.

Стјуардесите го напуштиле работното место околу 1 часот по полноќ по источна временска зона во саботата, а во исто време од Ер Канада соопштиле дека на кабинскиот екипаж ќе му биде забранет пристап до аеродромите.