ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Канадска фирма ќе го проширува капацитетот, при крај неколку договори за нови инвестиции во ТИРЗ

И покрај кризата, ниту еден од странските инвеститори во технолошко индустриските развојни зони нема намера да ја напушти државата, тврди директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.

Тој вели дека напротив, голема канадска компанија која на ниво на групација е присутна во земјава има намера значително да ги прошири своите капацитети, а во најава се уште неколку нови договори за инвестирање.

-Во завршна фаза се неколку договори од оваа година, кои очекувам наскоро да ги презентираме како нови инвестиции, рече Деспотовски.

Иако силно погодени од кризата компаниите од автомобилскиот сектор побараа државна помош за да ги надминат проблемите, тој смета дека засега нема потреба од дополнителни државни интервенции во овој сегмент. Но, доколку се укаже потреба, ќе се преземат соодветни мерки.

-Извозот во првиот квартал од 2022 година е 10 отсто повисок во однос на истиот период лани, увозот расте со одредено темпо, но побавно за околу два отсто, а има и раст на бројот работни места во првиот квартал од 2022-ра за четири отсто во однос на последниот месец од минатата година, повтори Деспотовски.

Тој очекува позитивните трендови евидентирани во зоните минатата година не само да се задржат, туку и да се засилат, и покрај притисоците врз економијата од глобалната криза и руско-украинскиот конфликт.