Вести

Кои се вашите права кога станува збор за користењето на годишниот одмор?

Секој работник согласно Уставот и Законот за работни односи има загарантирано право на годишен одмор. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор.

Стекнување право на годишен одмор ќе се оствари кога работникот има непрекината работа од најмалку шест месеца кај ист работодавач, без оглед дали работи полно работно или скратено работно време.

Според член 137 став 1 и став 2 од Законот за работни односи, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, а траењето на годишниот одмор се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор.

Важно е да се знае дека празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор.

Како ден на годишен одмор се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден.

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.

Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсуство поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година. Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски.

Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.

 Работникот има право и на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете (само за таткото) и/или смрт на близок роднина), до седум работни дена. Деновите на платениот одмор се утврдуваат со колективен договор и по сите основи не може да изнесуваат повеќе од седум работни дена.