ПравдаСветот на работникот

Царовска за Сител: Наставниците на изборните предмети ќе си го најдат местото во наставата

Ништо не укинуваме. Со новата Концепција воведуваме повеќе изборни предмети и сакаме учениците подолго време да поминуваат во училиште. Но многу ќе биде значајно наставниците да се посветат на предметите кои треба да бидат изборни затоа што тие треба да бидат најинтересни, а учениците со желба да одат на тие часови. Ова го рече министерката за образование и наука, Мила Царовска вечерва во гостувањето на Сител одговарајќи на прашањето за реакциите на професорите од изборните предмети, како Етика на религии дека со новата концепција не знаат што ќе се случува со нивните предмети.

„Со новата Концепција има повеќе изборни предмети. Сега велиме во четири поглавја може да се обезбедат до три изборни предмети. Што значи дека секое училиште треба да понуди 12 предмети годишно. И тие тука треба да го најдат своето место и во подолните одделенија, затоа што сега изборни предмети се внесуваат и од четврто одделение. Изборни активности се од прво до трето, а изборни предмети, по два годишно, се од 4-9 одделение. Што укажува дека сите тие наставници кои сега се на изборните предмети, повторно ќе си го најдат своето место, а изборот на предметот ќе зависи многу од посветеноста на наставникот“, рече Царовска.

Министерката посочи дека наставниците на изборните предмети ќе треба да понудат добар наслов на предметот и интересна програма, за тој предмет да ги заинтересира учениците.

„Секако дека учениците од помалите одделенија ќе донесуваат одлуки во консулатација со родителите, што укажува дека и тие наслови и содржини треба да бидат прифатени и од родителите за да може да бидат избрани, но знаете, кога имате можност да одберете два предмета, сепак ги бирате согласно своите афинитети, верувања и знаења“, рече Царовска.