КОЛЕКТИВНОТО ПРЕГОВАРАЊЕ КАКО АЛАТКА ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ
Автор: Бобан М. Илијевски
Македонија е една од земјите која има најниско ниво на покриеност со колективни договори на ниво на работодавач. Ние имаме општи колективни договори за јавниот и приватниот сектор кои важат за сите вработени во секторите, но со нив не може доволно да се регулираат работните односи помеѓу работниците и работодавачите, особено во приватниот сектор.
Од таа причина, јас во голема мера се залагам во компаниите да се создадат синдикални организации кои би потпишале поединечни колективни договори со работодавачите. Во истите, тие би можеле да ги доуредат правата и обврските кои произлегуваат од законската регулатива и Општиот колективен договор. Не залудно европските синдикални централи постојано апелираат дека потребно е да се стави посебен акцент на колективното преговарање, кое како алатка може да придонесе да се зголемат и платите.
Работодавачите кои се против синдикалното организирање и колективното преговарање треба да сфатат дека ќе имаат поголеми шанси да ги задржат вработените доколку го променат анти-синдикалниот став. Работниците не треба да побараат дозвола од работодавачите за да формираат синдикат, но одредени компании секогаш настојуваат да ја задушат оваа идеја оти сметаат дека доколку се формира синдикат дека ќе не можат да ги третираат работниците како потрошена роба. Но, како и што веќе имам пишувано неколку пати претходно, работниците повеќе не остануваат на работното место ако им се прекршуваат правата. Недостигот на кадар им даде моќ и им овозможи поголем избор за вработување.
Затоа, мислам дека колективното преговарање е една од алатките за задржување на работниците.

