Колкави се платите во Германија – и може ли да се живее од нив?
Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави реформа на системот за поддршка на долгорочно невработените, познат како “граѓански приход” (Bürgergeld), истакнувајќи дека „работата мора да се исплати“ и дека трудот треба да донесе реална корист за граѓаните. Целта на реформата е да се охрабрат невработените да се активираат на пазарот на трудот.
Сепак, податоците од 2024 година покажуваат друга слика: околу 826.000 вработени во Германија сепак примаат социјална помош, што е зголемување од 30.000 во однос на 2023 – првпат по 2015 година кога Германија прими повеќе од милион бегалци од Сирија.
Иако минималната плата беше зголемена на 12,82 евра по час, многумина и понатаму не можат да ги покријат основните трошоци за живот. Само околу 81.000 од овие лица работат со полно работно време, што укажува дека проблемот често не е само во ниската плата, туку и во работата со скратено време – често поради семејни обврски и недостиг на инфраструктура за грижа за деца.
Според опозицискиот пратеник Џем Инџе од Левица, ситуацијата е резултат на недоволна државна интервенција, и постојните минимални плати не овозможуваат достоинствен живот. Тој предупредува дека дури и вработените со полно работно време за минимална плата не можат да си дозволат пристоен стан во половина од германските градови.
Понатамошното зголемување на минималната плата е веќе планирано: таа треба да достигне 13,90 евра во 2026 година, и 14,60 евра во 2027, но тоа сè уште е под нивото кое го бараат синдикатите и не ги следи растечките трошоци за живот, особено кај кириите– кои, само во Берлин, се зголемиле за 8,5% за една година.
Критичарите предупредуваат и на масовна злоупотреба на моделот на скратено работно време, каде работници од посиромашни земји од ЕУ се вработуваат формално, но потоа добиваат државни додатоци. Министерството за труд најави дека ќе се бори против овие злоупотреби.
Сепак, економисти како Холгер Шефер од Институтот за економија во Келн, сметаат дека зголемувањето на минималната плата не е решение, бидејќи може да предизвика намалена побарувачка за работници од страна на работодавачите. Наспроти тоа, граѓанскиот сектор и синдикатите инсистираат дека трудот мора да биде фер платен, а државата треба да инвестира повеќе во инфраструктура и услуги – како што е згрижување на деца – кои би им овозможиле на повеќе луѓе да работат со полно работно време.
Извор: EUpravo zato.rs

