Најголемиот дел од граѓаните преживуваат со 100 денари дневно, а некои работат по концептот: „нишај врата, земја плата“
Факт е дека најголемиот дел од граѓаните на оваа држава преживуваат со 100 денари дневно, воедно истите тие граѓани го чувстуваат најголемото незадоволство од животот во Македонија. Овие луѓе единствено нешто што посакуваат е да се иселат од Македонија што е можно побрзо, па и под цена да „рмбаат“ дено -ноќно во западните држви. Вчера Германија им ја даде таа можност со продолжувањето на Правилата доселување на граѓаните од Западен Балкан. Тука морам да се согласам со ставовите на некои од моите колеги, за тоа дека имаме среќа што е коронава, па нема иселување, но прашањето е што ќе биде откако оваа здравствено – економска криза ќе заврши.
Кога ќе се земат во предвид и оние граѓани кои ги изгубиле своите работни места и кои допрва ќе ги изгубат, вработените во германската амбасада ќе имаат полни раце работа. Поразителен е бројот на компании коишто се затворени поради корона кризата. Имено, за само 205 дена, во стечај влегле 118 компании, со што вработените се прогласени за технолошки вишок, а со тоа и оставени без приходи во ек на глобална пандемија. Колку Владата ќе се погрижи за овие луѓе, останува да се види, но праксата покажува дека на овие луѓе им се заканува сиромаштија. Сето ова ми укажува дека ќе има голем одлив на кадар, зборувам за високо квалификувани луѓе коишто своите големи вештини во својата професија ќе ги применат на новите работни места во западно – европските држави.
Јас постојано зборувам за тоа дека иселувањето е неминовно и со тоа можеби звучам песимистички, но тоа е суровата реалност. Знаете вистината најмногу боли, но секогаш е потребно да се каже, но и во случај да се премолчи, таа секако ќе излезе на површина во морето на лаги. За нашата држава, продолжувањето на Правилата од страна на Германија не е добра вест, таа и тоа како е лоша.
Би сакал да се осврнам и на податоците коишто денеска ги објавија медиумите за синдикалната кошница која за месец септември изнесува 33.621 денари. Согласно податоците, граѓаните најмногу пари трошат на основни потреби како што се храната и пијалаците. Воедно, тука морам да потенцирам дека висината на септемвриската потрошувачката кошница ја надминува последно објавената нето плата за јули која изнесува 27,231. Кога би се направила едноставна математичка пресметка би излегло дека потрошувачката кошница е за 6,390 денари поголема од просечната плата, сума којашто што не е воопшто мала за македонскиот стандард. Со ваква пропорционалност, многу тешко дека поголемиот дел од народот ќе има задоволство.
Исто така сметам дека должен сум и да се повикам на анализата на ПИНА, во којашто стои дека година и пол по формирањето на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на платниот список има 1,400 формално вработени лица, но реално работат само 44, што значи дека 1,356 лица се на функција „нишај врата, земај плата“. Ова значи дека додека некој преживува со 100 денари дневно, некој си ужива дома и секој месец на сметката му легнува плата.
Поради сето ова се создава уште поголемо незадоволство, но воедно и бес, а со тоа и желба за што е можно побрзо заминување од оваа „демократска“ држава.
Бобан Илијевски
Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставои на порталот Работник

