Законот за спречување и заштита од дискриминација повторно во собраниска процедура
Новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација, во речиси идентична форма во која беше усвоен во претходниот парламентарен состав, а беше укинат во мај од Уставниот суд поради донесувањето без потребното мнозинство од 61 пратеник, е повторно во собраниска процедура. Се очекува тој што поскоро да биде усвоен, со цел граѓаните да имаат каде да се обратат за случаи на дискриминација со кои се соочиле. Во моментов тоа може да го направат само со претставки до Народниот правобранител, но неговите ингеренции се однесуваат само на јавниот сектор. Невладините организации бараат итно донесување на законот, но со измена на постапката за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за, како што велат, да се обезбеди транспарентен процес. Амандмани на законското решение најави и опозицијата во Парламентот.
Предлог-законот во прво читање помина на седница на Комисијата за европски прашања, и на пленарна седница на Собранието, во редовна постапка со европско знаме, заради усогласување на знашето законодавство со она на Европската унија.
Целта на овој закон, според Министерството за труд и социјална политика, кое е предлагач, е да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи. Се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Дискриминација, согласно законот, е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска апелира тој да биде донесен што поскоро, бидејќи, како што рече, за некои граѓани во државата тој може да биде прашање на судбина. Законот, според неа, се предлага во речиси идентична форма како претходниот, и минал долг процес на усогласување во општеството со невладиниот сектор, а било добиено и позитивно мислење од Венецијанската комисија чии забелешки биле вградени во него. Како таков бил усвоен во Собранието, по што не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Откако бил вратен во Собрание тој бил донесен повторно, но во мај годинава беше укинат од Уставниот суд поради тоа што не бил усвоен со потребно мнозинство од 61 пратеник.
Повеќе на Лидер.мк

