МакедонијаПравдаСветот на работникот

Лекари и медицински сестри ги напуштаат државните болници, истоштени од борбата со Ковид-19, спасот го бараат во приватни клиники

   Време за читање 2 минути

Дали во време на пандемија ни се заканува недостиг од медицински кадар? Здравствените работници кои се на првата борбена линија со Корона вирусот се веќе истоштени. Дел од нив ја напуштаат Инфективна и спасот го бараат во приватните клиники. Дека е тоа така, потврди и министерот за здравство Венко Филипче.

„Досега имам информација дека една докторка инфектолог веќе дала отказ на Клиниката за инфективни болести и планира да замине да работи во приватна болница. Исто така и докторката која го раководеше инфективното одделение во Болницата 8 ми Септември најави, не знам дали е формализирано сето тоа. Јас разговарав со неа но таа е решена да замине таму.“, рече Филипче.

Ниту разговорот со првиот човек во здравство не успеал да ги разубеди медицинските сестри од Инфективна за кои неодамна беше најавено дека сакаат да ја напуштат клиниката за инфективни болести.

„На нашиот иницијален состанок иако тврдеа дека нема да заминат во приватна институција искомунициравме после тоа уште еднаш, за да сепак кажат дека планираат да ја напуштат Клиниката.“, вели Филипче.

Премореност од борбата со КОВИД 19, е една од причините зошто медицинскиот кадар го напушта јавното здравство, потврди министерот Филипче. Факт е дека во изминатиот период имаше трансфер на медицински лица од јавниот во приватниот сектор, потенцира Претседателката на Здружението на медицински сестри Гордана Бешлиовска . Истакнува дека проблемите на медицинските сестри се многубројни и датираат од поодамна.

„Тоа е факт,тоа го знаеме сите ние во нашата фела, и континуирано се случуваат такви преминувања. Она што е загрижувачко во моментот дека ни се одлеваат високо стручни кадри, дипломирани сестри. Ќе се соочиме со еден дефицит не само бројчано туку и со дефицит на квалитет“, вели Бешлиовска.

Наспроти Бешлиовска ,министерот Филипче убедува дека проблемот со трансферот на медицински кадар од јавното во приватното здравство во целост ќе може да се изменаџира .Тоа не е нешто што може да го загрози јавното здравство во овој момент потенцира Филипче.

Извор: ТВ21