МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Коцевски им подаде рака на Кицев и Тодев-Делчев: Заедно да се избориме за поголеми плати за полицајците

Во период кога сѐ повеќе и повеќе синдикатите го креваат гласот во борбата за повисоки плати, ние како полиција сметаме дека конечно е дојдено времето синдикатите да се обединат, вели Претседателот на Синдикатот на полиција во Македонија, Орце Коцевски во изјава за Работник.

Тој рече дека потребно е Синдикатот на полиција во Македонија – СПМ, Македонскиот полициски синдикат – МПС и Независниот синдикат на полицијата -НСП да седнат на една маса, да се договорат и да излезат со едно конкретно барање.

„Тоа барање да биде за повисоки и подостоинствени плати, затоа што знаеме дека во време на повеќегодишна двоцифрена инфлација, основната плата на полицаецот е 15,200 денари. Ова е срамота да се каже, затоа што можеме да кажеме дека полицаецот со неговата плата преживува до први во месецот“, вели Коцевски.

Долго време, вели тој, анализирале со раководството на синдикатот и донеле одлука први да понудат помирување, први да дадат поддршка и први да поднесат барање за повисоки плати до синдикатите во полицијата.

„Со тоа ние не сакаме да земеме примат дека сме којзнае што. Доколку треба целата поддршка ќе му ја дадеме на Македонскиот полициски синдикат, затоа што е најголем синдикат во МВР. Ние му дадовме идеја. Нашето барање, како што веќе рековме, е 1 евро 1 бод и од тоа барање нема да отстапиме сѐ додека не се исполни“, посочи Коцевски.

Сепак, како што рече, доколку Македонскиот полициски синдикат има било какво барање коешто е подобро од нивното, тие како синдикат максимално ќе го поддржат.

Од синдикатот неодамна испратија писмо за соработка со останатите синдикати во МВР, на кое, како што ни кажа Коцевски, добиле одговор од синдикатите. Тој потенцираше дека добро е што од МПС официјално ја примиле нивната понудена рака и нивната поддршка за подобрување на условите за работа на полицијата. Од нивна страна биле писмено известени дека се подготвени за заедничка синдикална борба, но нивниот единствен услов за тоа е дијалог на маса.

Вчера од СПМ до МПС и до НСП испратиле покана за дијалог на маса и заедничка синдикална борба, со што ги поканиле на 6.7.2023 со почеток во 12 часот во просториите на Конфедерацијата на слободни синдикати, да дојдат и заеднички да донесат заклучок за единственото прашање, а тоа е барањето за повисоки плати во полицијата.

Фото: Canva

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk