Коцевски: Платите на полицајците се за 3 и 4,000 денари помали од минималната плата од 18,000 денари
Интервју на порталот „Работник“ со Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија Орце Коцевски, во кое зборува за најавените реформи од МВР, за зголемувањето на минималната плата и порамнувањето на платите…
„Уште веднаш после донесувањето на ова решение како Синдикат изнесовме став дека оваа таканаречена „ПИРОВА победа“ која на Владата ќе и донесе многу повеќе проблеми и тие веќе излегуваат на површина баш заради неправдата што сакаат да ја направат кон Полицијата и другите професии“, вели Коцевски во текот на интервјуто.
Целосното интервју во продолжение:
Работник: Како гледате на новото законско решение коешто го предлага МВР, а со кое ќе се забрани на вработените да членуваат во политички партии?
Коцевски: Најпрво поздрав за читателите на порталот Работник, за вработените во Полицијата. На шега ќе кажам дека Уставниот суд во Република Македонија изгледа ќе има полни раце работа во иднина. Па зар нели е срамота во 2022 година да се предлагаат вакви измени во Законот за внатрешни работи? Самиот Министер како предлагач на самиот закон се‘ уште го немам слушнато како и на кој начин „ќе ги лови“ оние кои се членови на политички партии? Зар ќе има политичка партија која знаејќи дека ако издаде документ дека сте член на партија, а со тоа по автоматизам ќе одите на дисциплинска, ќе потврди дека сте член на било која партија? Како планира Спасовски да го прави тоа? Ќе забрани да се постираат постови да се допаѓаат коментари, постови и слично? Со еден збор, јас тука не гледам ништо друго кај Спасовски како Министер односно справување со оние кои нема да бидат припадници на неговата партија. Ако ова помине тешко на неистомислениците. Како што и кажав претходно само ако „си наш“ ќе можеш да коментираш, споделуваш итн., а доколку нема да припаѓаш на партијата на власт, е тогаш најверојатно „тешко тебе“, знаете на што мислам.
Но да се вратиме на темата, човеково право предвидено во Уставот е слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Уставот ја гарантира слободата на говорот на јавниот настап на јавното информирање. Уставот гарантира слобода на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат да пристапуваат и да истапуваат од политичките партии.
Да не бидам погрешно сфатен. Синдикат на Полиција во Македонија – СПМ е за деполитизација на МВР, односно на вработените. Секако нашето мото е : ВРАЌАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ ВО ПОЛИЦИЈАТА.
Сме за оваа реформа и треба да биде така. Но треба да бидеме искрени и на вистината да и погледнеме во лице и да видиме дали позади некој крие задни намери. Зар има вработен во МВР кој ќе му верува на Спасовски како Министер за тоа дали после овие 5 години што направи, после политизација буквално и на чистачките во МВР, после ставање на било кој на високи позииции затоа што бил „од партија и бил наш“ ќе веруваме дека за ова намерите ќе му бидат искрени? Како после се да му веруваме дека ќе биде ист за сите иако во овие 5 години тоа никако не го докажа? Верувам дека позади ова Спасовски има скриени и лоши намери за справување со неистомислениците, но сакаме да веруваме дека до денот на гласањето сите пратеници ќе ја согледаат оваа „скриена порака“ и измама што сака да ја сокрие и ова законско решение нема да му помине. Со тоа што најверојатно намерата му е да праќа на дисциплински било кој ќе стави и еден обичен „Like“ или сподели пост кој него нема да му се допадне. Затоа како Синдикат ќе направиме СЕ за да не дозволиме ова лудо и неуставвно законско решение да помине како такво.
Работник: Кој е Вашиот став за останатите реформи кои се предвидуваат од страна МВР?
Коцевски: Значи уште на почетокот ќе истакнам дека како Претседател на Синдикат на Полиција во Македонија – СПМ сум бил и ќе бидам за реформи. И тука нема ништо спорно.Мене ми е веќе незгодно постојано да ја кажуваме вистината без притоа Спасовски како Министер да нема никаков слух. На прв поглед кога ќе го читате или слушнете Министерот ќе сфатите односно ќе мислите дека искрено се бори, дека прави реформи, дека во МВР никогаш не било подобро, и дека во МВР „тече мед и млеко“.
Го читате и си мислите дека МВР ги живее најдобрите години..… Ако само неколку дена поблиску го анализирате ќе сфатите дека истите изјави со недели ги повторува и повторува сакајќи и обидувајќи се само кај јавноста да создаде мит дека тој е најдоброто нешто што му се случило на МВР. Да, најдобар е убедливо и единствено за неговите советници, за неколкумина раководители по секторите за внатрешни работи. Истиот така маестрално најави интегритет на работниците во Министерството, Деполитизација на вработените во МВР. Да почнеме по ред….
Прво за интегритет на работниците во Министерството. Со ова законско решение се предвидени како кандидатите за вработување во МВР, така и за сите вработени во Министерството. Резултатот од тестот може да биде и индикатор за поведување на предистражна постапка. Негативниот резултат е предвиден како потежок случај за дисциплинска одговорност и основ за поведување на дисциплинска постапка. Одделот за внатрешна контрола ќе го прави овој таканаречен тест за интегритет. Тоа е службата која 2 години како ние, така и вработените ја критикуваат дека освен „нарачани“ предмети (чест на поединци) за друго скоро и не ѝе намената. Кој ќе гарантира дека внатрешната контрола нема да предложи некаков си „наместен“ тест што никако нема да може да се положи, а со тоа ќе биде основ на дисциплинска постапка, и веднаш онаа популарна мерка на Спасовски „едно ниво подоле“. До каде ќе води ова лудило … до бескрај??? А за кого ќе биде и важи, за неистомислениците и професионалците? Второ со нерешен тест ќе спроведувале ПРЕДИСТРАЖНИ ПОСТАПКИ (ПИМ мерки, следење на комуникации, следења….). Ќе се оди над Законот за кривична постапка? Тука нешто не е во ред…
Второ, реформска измена во делот на дисциплинската постапка за вработените во Министерството. Ова го поздравуваме и се надеваме дека ќе се развие нов организациски облик, кој ќе гарантира, односно ќе обезбеди висок степен на професионалност, специјализираност, објективност и унифицираност во работата. Барем ќе биде можеби подобро од комисиите по секторите кои „судеа“ по волјата и желбите на одредени началници.
Но она што Министерот не се пофали и сака да го скрие како пред јавноста, а така и пред колегите е тоа што со предлог измените од Законот за внатрешни работи, работен однос без јавен оглас ќе можат во Министерството да се заснова само за работни места за кои во систематизација на работните места ќе биде утврдено дека може да се спроведе постапка за вработување без јавен оглас“. Со ова патот за „армија“ без јавен оглас е отворена и ќе поставиме прашање колку „професионалци“ Спасовски планира да прими со оваа Европска реформа? Се предвидуваат измени во одредбите за распоредување како со бришење на неколку збора од членот 107 од ЗВР и во иднина Спасовски ќе може да распоредува кого сака и каде сака што ќе создаде се поголемо незадоволство и разочарување во МВР. Се предвидуваат унапредувања до три места наместо досегашното едно место. Која е причината за ова нека проценат граѓаните и вработените во МВР. Ова воопшто нема да предизвика никаква професионализација и повторно професионалецот ќе биде газен и понижуван од партиски кадри за кои се сомневаме во нивната стручност и професионалност. Затоа овие неколку набројани „скриени“ реформи ги нарекуваме како вовед во СТАЛИНИЗАМ во лоша варијанта.
Работник: Независниот синдикат на полицијата најави дека ќе направи протест преку кој ќе побара усогласување на платите на полицајците со минималната. Дали и вие ќе се приклучите на овој протест?
Коцевски: Во поглед на ова прашање на почетокот ќе кажам дека доколку нема слух за покачување на платите во Полицијата како од Министерот така и од Владата нормално е да се оди на овој чекор а тоа е Барањата да се обезбедат преку протест. И тоа е легитимно право. Јас тука ќе се обратам до нашите членови, до вработените во Полицијата затоа што имаат право да ја знаат вистината. Синдикатот на Полиција во Македонија – СПМ членува во најголемата Конфедерација во Македонија, а тоа е во Конфедерацијата на слободни синдиката на Македонија – КСС. Претседателот на КСС на оваа тема пред две недели имаше пресконференција и ја запозна целата Македонска јавност, а тоа значи и Полицијата дека најпрво ќе се даде шанса на социјалниот дијалог и даде рок до 15 Март. Раководството на СПМ веднаш после тоа одржа состанок и едногласно даде подршка за ваквиот став, да се даде шанса на социјален дијалог. За да вработените не бидат ставени во заблуда треба да се запрашаат самите дали воопшто за 5 дена како тоа што го најави Независниот синдикат на Полицијата воопшто може да се организира успешен протест? Се плашам да верувам дека во позадина овој избрзан и не добро испланиран протест на НСП има за цел да прикаже протест кој однапред е осуден за неуспешен, а се со цел победник пред јавноста да излезе Спасовски и да се стори перцепција дека полицаецот е задоволен освен „неколку“ десетици колеги кои можеби ќе излезат да го искажат својот револт. Ова го говорам од причина што овие тврдења на „теории на заговор“ во минатото се покажале како успешни баш со овој Синдикат за што повеќе не сакам да договорам. Само уште ова ќе кажам, официјална покана преку електронска пошта добивме на ден 23.02.2022 година после 19.00 часот. За неполни два дена скоро е невозможно и да сакаме да го мобилизираме и организираме нашето членство да излезе на овој протест. Пак ќе кажам, иако за протестот разбрав пред неколку дена сметам дека е избрзан и недобро испланиран. Членовите да бидат спокојни. Доколку не дојде до исполнување на нашите барања ПРОТЕСТ ЌЕ ИМА и тоа јас го гарантирам. Да, протест ама вистински онаков како што навистина треба да биде, до исполнување на нашите барања.
Работник: Минималната плата се зголеми на 18,000 денари. За полициските службеници ова значи порамнување на платите кај дури пет работни позиции. Како гледате на ова и кое е потенцијалното решение да се надмине овој проблем?
Коцевски: Уште веднаш после донесувањето на ова решение како Синдикат изнесовме став дека оваа таканаречена „ПИРОВА победа“ која на Владата ќе и донесе многу повеќе проблеми и тие веќе излегуваат на површина баш заради неправдата што сакаат да ја направат кон Полицијата и другите професии. Неодамна излеговме со факти дека основната плата на полицаец моментално е помеѓу 3 и 4.000 денари помала од новиот законски износ на минимална плата од 18.000 денари. За таа цел јавно побаравме од пратениците измена на членот 144 од Законот за внатрешни работи каде предлагаме вредноста на бодот наместо Министерот во иднина да го определува Владата и таквата одлука да биде објавена во службен весник. Причината поради кои го предлагаме ова законско решение е тоа што со досегашното законско решение Министерот за внатрешни работи беше тој кој буквално одлучуваше за платите во Полицијата што се покажа како лош пример и пракса, и како Синдикат сметаме дека Владата како институција во иднина повеќе ќе се грижи за подобар стандард на вработените во Полицијата. Исто така Баравме вредноста на бодот за Полицаец наместо досегашните 29 денари, да изнесува 62 денари или популарно кажано евро-бод. Со тоа ќе направиме од професијата „Полицаец“ една професија која ќе биде вреднувана во општеството а посебно во нашата држава Република Македонија, зборови кои впрочем се и на Министерот Спасовски пред јавноста.
Работник: Постојано велите дека најголемиот виновник за сите проблеми во МВР е Министерот Оливер Спасовски. Како според Вас можат да се решат наталожените проблеми?
Коцевски: Се повеќе и повеќе веруваме дека Спасовски како Министер започнува и самиот да верува дека тоа е така. Затоа што со самото негово доаѓање фаворизира единствено еден синдикат, со нас нема никаков социјален дијалог, смета дека не постоиме од причини што не се срамиме да му ја кажеме вистината во лице за сметка на други кои кокетираат со него и го лажат за секој негов неуспех и сакаат тоа да го прикажат како негов успех.
Еден ден, за брзо неговата „задоволна полиција“ ќе му се урне како кула од карти. Еве јавно го прашувам Министерот Спасовски нека одговори: Зошто ги заборави полициските службеници. Само ќе го потсетам дека веќе неколку години наназад ја “создава” (небаре градител е) и секојдневно ја промовира паролата „Задоволна полиција безбедни граѓани“. Ќе го прашам како прв човек во Министерство за внатрешни работи дали откако се испофали дека ќе има (а сеуште нема) „небесно“ покачување од 5% и понатаму смета дека има задоволна полиција и тоа најверојатно покачување во месец Декември 2022 година?
Значи, со години немаме униформа, често нема тонери, хартија, замислете нема сапун и тоалетна во тоалетите и тоа во зградата на МВР да не одиме подалеку, средства и опрема за работа нема со години …Запаметен е по тоа што има дадено над илјада незаконски решенија во само еден месец, поделени решенија за распоредување надвор од места на живеење само заради „кеиф на некој“. Но затоа пак морам да го пофалам Министерот дека десетина објекти сопственост на МВР ќе добијат топла вода со сончеви колектори и тоа за вртоглава сума од пола милион евра. Доколку овие пари се потрошеа рационално ќе се купеа зимски јакни на околу 3.500 помлади полициски службеници кои веќе со години наназад во овие минусни температури на работа одат и мрзнат со пролетни јакнички. Тука ќе упатам порака до Министерот Спасовски: Наместо „да фарбаш фасади“, да ставаш парно греење на руинирани полициски објекти само „заради реда“, да местиш топла вода за вртоглави суми на пари, уште од утре ЗАПОЧНИ да се грижиш за твојата Полиција, и започни да ја почитуваш и вреднуваш ако воопшто зборот задоволна полиција нешто ти значи. Престани со незаконските решенија и дај им плата онолку колку што заслужуваат бидејќи и полициските службеници се луѓе и имаат фамилии. Но се повеќе верувам дека доаѓањето на Спасовски на позицијата Министер како „надеж“ за поголем број вработени се претвора во се поголемо разочарување.

