Куклите Labubu го срушија интернетот: Основачот на компанијата преку ноќ заработи 1,6 милијарди долари
Куклите Labubu ја претворија кинеската компанија Pop Mart во глобален феномен, а нејзиниот извршен директор и основач, Ванг Нинг, за само 24 часа стана побогат за неверојатни 1,6 милијарди долари.
Ова не се обични плишани играчки. Pop Mart изгради милијардерска империја преку продажба на таканаречени „blind box“ кутии – колекционерски играчки кои не знаете која ќе ја добиете сè додека не ја отворите. Токму тој елемент на изненадување предизвикува глобална опсесија меѓу фановите.
Бизнис модел што создава зависност
Моделот на „слепи кутии“ се потпира на возбуда и неизвесност, што ги тера колекционерите повторно и повторно да се враќаат по нова кутиичка. Ограничените серии и вештачки создадениот недостиг на фигури предизвикуваат чувство на итност и емоционална врзаност кон производот, наведува профилот Income Ivy на Instagram.
Pop Mart не продава само играчки – туку и цело искуство за тоа како е да се биде колекционер, инспирирано од FOMO (страв од пропуштање) и културата на обожаватели. На пазарот за препродажба, ретките фигури стануваат сè поатрактивни и често се третираат како инвестиции.
Labubu – новата ѕвезда на Pop Mart
Најголемиот хит на Pop Mart е Labubu – кукла со виловити уши и крупни очи. Дали е слатка или морничавa? Секој има своја теорија, но едно е сигурно – ја има насекаде. Светски познати личности, меѓу кои и пејачката Ријана, се забележани со Labubu кукли на своите чанти – фотографија што буквално „го запали фитилот“ и го направи брендот вирален.
Од семејна позајмица до милијарди
Основачот Ванг Нинг ја започна компанијата во 2010 година со само 30.000 долари, позајмени од неговото семејство. До 2020 година веќе стана милијардер, но не застана тука – продолжи амбициозно да го шири брендот.
Во 2024 година, Pop Mart тивко го започна својот пробив на американскиот пазар. А во мај 2025 година, се случи експлозија на интерес – апликацијата на Pop Mart стана вистински хит, а TikTok полуде по Labubu кукличките.
Во само еден ден, богатството на Ванг порасна за 1,6 милијарди долари – сè благодарение на кукли кои можат да се држат во дланка. Компанијата успеа да го претвори купувањето играчки во незаборавно и заразно искуство – нешто што ниедна класична реклама не може да го постигне.
Заклучок: не мораш да бидеш технолошки гигант за да создадеш милијарда
Приказната на Pop Mart докажува дека не мора да бидеш дел од технолошкиот сектор за да изградиш бизнис вреден милијарди. Доволно е да знаеш како размислуваат и чувствуваат луѓето – и да изградиш бренд кој ќе ги поврзе на вистински начин.
Извор: Telegraf Biznis

