Левица за „Работник“: Измените за стечајците требаше да се направат пред три години, а не сега пред локалните избори
Владата пред некој ден најави дека на седница бил потврден текстот на новиот Закон за материјално обесштетување на стечајците, со кој што ќе бидат опфатени дополнителни 1,100 стечајци. Правото на финансиски надомест од 9,424 денари (34 % од исплатената месечна нето плата минатата година) ќе можат да го остварат оние коишто останале без работа поради ликвидација, стечај или технолошки вишок заклучно со 31 декември 2020 година. Клучен услов е овие стечајци да работеле во компании со доминантна сопственост на државата, пред да влезат во стечај или да се приватизираат.
Од Владата исто така рекоа дека се менува и условот за работниот однос, па наместо со досегашните 15 години работен однос, колку што беа потребни за да стечајниот работникот ги исполни критериумите за да добие финансиски надомест, со новиот Закон овој критериум ќе биде намален на 14 години.
Според Владата, намалувањето на временскиот период на работниот однос се должи на тоа што на многумина граѓани им фалеле само неколку месеци за да можат да добијат финансиски надомест, а ова го покажала анализата од претходното законско решение.
„Се покажа дека голем број на невработени лица ги исполнуваат условите од последното законско решение со исклучок на условот од 15 години работен однос, поради кој не можат да бидат корисници на правото за материјално обезбедување, од проста причина што тие наши сограѓани имале работен однос од 14 години“, истакна Заев, на неодамнешната прес – конференција.
Порталот „Работник“ побара став и од Левица од каде што истакнаа дека во својата програма имаат предвидено целосно обесштетување на стечајците преку донесување на специјален Закон за материјално обезбедување на стечајните работници во вид на постојан паричен надоместок до пензија.
Во однос на новото законско решение коешто го предложи Министерството за труд и социјална политика, а го прифати Владата, од Левица велат дека нема ништо спорно во измените, само што како и секогаш, власта ќе го искористи ова за пи-ар пред избори, за да добие гласови на претстојните локални избори.
Сметаат дека овие измени, Владата требало да ги направи пред три години, а не сега пред локалните избори.
Сметаме дека нема ништо спорно во измените, само што како и секогаш власта ќе си го искористи ова за пи-ар пред избори, односно за добивање на гласови на претстојните локални избори. Ова требаше да го направат уште пред три години, а не сега пред избори.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска посочи дека со последната измена речиси 13,000 лица ќе добиваат материјален надоместок до вработување или пензионирање.
„Со последната измена речиси 13,000 лица ќе добиваат материјален надомест до вработување или до пензионирање. Со новиот предлог Закон за стечајци ги олеснуваме условите за стекнување на право за материјално обезбедување. Ова право сега ќе може да се оствари со поминати 14 години во работен однос во компании во доминанта сопственост на државата, наместо досегашниот услов од 15 години работен однос“, истакна Шахпаска.
Посочи дека предлог законот произлегол преку директната комуникација со граѓаните, како и од анализата на досега поднесените барања, според кои дошле до сознанија дека не некои им недостигале само неколку месеци да го исполнат условот од 15 години работен однос во компании со доминантна државна сопственост, поради што не можеле да го остварат ова право, притоа потенцираше дека затоа интервенирале во тој услов, со единствена цел да се зголеми опфатот на што е можно повеќе стечајци, додека останатите услови остануваат исти – работниот однос на лицето да му прекинал поради стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2020 година. Ова важи и за оние вработени кои работеле во фирми кои се приватизирале, под услов нивниот работен однос да завршил во период кога компанијата била во доминантна сопственост на државата.
Според Шахпаска, на денот на поднесувањето на барањето лицето треба да биде на возраст од 52 години, за жена односно 55 години за маж; да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој Закон, да не било во работен однос.
Правото на паричен надоместок во висина од 9,242 денари, стечајците ќе го остваруваат се до нивното вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување.
Фото: Nova TV

