Лекција по трудово право: Пензиски стаж
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Пензиски стаж
Пензискиот стаж претставува основата врз која се стекнуваат правата од пензиско и инвалидско осигурување. За пензиски стаж се смета времето кое е поминато во осигурување согласно одредбите на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Законодавецот предвидел дека за стаж ќе се смета времето кое работникот го поминал во работен однос по навршување на 15 години возраст и за кое бил уредно пријавен и му биле редовно платени придонесите за инвалидско и пензиско осигурување. Одреден исклучок од даденото правило претставува времето кое осигуреникот го поминал во работен однос или самовработување со полно работно време, а за кое е утврдено ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Дополнително за стаж ќе се смета и времето кое осигуреникот до 29 годишна возраст го поминал во работен однос или самовработување со полно работно време, за кој е утврдено ослободување од плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување во период до 12 месеци.
ПРАВИЛНО е да се смета дека одредени работници кои работат на особено тешки и штетни по здравјето работни места, како и оние кои работат на работни места на кои по навршувањето на определена возраст не можат со успех да ја извршуваат својата професионална дејност, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење.
ПОГРЕШНО е да се смета дека под време поминато во работен однос со полно работно време не се подразбира и времето што во работен однос со скратено работно време ќе го поминат одредени категории на вработени. Напротив, стажот на инвалидите на трудот или други инвалидни лица, кои се ограничени да работат онолку време колку што им дозволува нивната работна способност и работничките, кои заради доење или нега на дете работат со скратено работно време, како и на работниците кои заради нега на дете исто така имаат право да работат со скратено работно време, ќе се смета за време поминато во работен однос со полно работно време.
Проф. д-р Лазар Јовевски

