Линкедин: „До 2030 година, 70% од вештините што се користат ќе се сменат“ — како да останете во чекор
Вештачката интелигенција (ВИ) значително ќе го промени начинот на кој функционираме на работното место — барем според најновите податоци на LinkedIn.
„До 2030 година, 70% од вештините што се користат во повеќето работни позиции ќе се променат“, изјави Ендру Симан, главен уредник за работни места и развој на кариера во LinkedIn. Оваа проценка е резултат на анализа на вештините што компаниите ги бараат во огласите за работа и оние што поединците ги наведуваат во своите профили, комбинирани со историски податоци и прогнози поврзани со вештини што можат да бидат заменети или поддржани од страна на ВИ.
Симан не смета дека овие вештини ќе исчезнат, туку дека ќе се развиваат. Со него се согласуваат и други експерти. „Како што технологијата го менува начинот на кој работиме, сите треба да бидат свесни за овие промени со цел да ги задржат своите вештини релевантни и барани на пазарот на труд“, вели Стејси Халер, главен советник за кариера во Resume Builder.
„Можеби нема повеќе да внесувате податоци, туку ќе ги управувате“
Во блиска иднина, работодавците ќе ја користат вештачката интелигенција за да ги „зголемат“ способностите на вработените, објаснува Симан.
„Можеби нема да мора повеќе рачно да внесувате податоци“, вели тој, „но ќе треба да се занимавате со управување со податоци.“
Слично, вештината на создавање ВИ-команди (prompt engineering) може да се трансформира во управување со командите и со големите јазични модели.
Рутинските задачи ќе ги извршува вештачката интелигенција, а луѓето ќе преземаат улоги на надзор и организација на тие задачи.
Не сите професии ќе бидат подеднакво засегнати. Рачната работа или изведувачките уметности, на пример, најверојатно нема да претрпат драстични промени. Но кај професиите како софтверски инженер, веб-дизајнер или касиер, вештачката интелигенција ќе ги преземе дел од задачите, што ќе ја зголеми продуктивноста и ќе овозможи луѓето да завршуваат повеќе работи во текот на работниот ден.
„Можеби еден човек ќе може да заврши работа што досега ја извршувале тројца“, предупредува Симан.
„Време е луѓето да се навикнат на промени“
Како што задачите се менуваат со напредокот на технологијата, постојат неколку начини како да останете во чекор.
Следете ги листите на најбарани вештини на веб-страници како LinkedIn, Upwork и Indeed за да откриете што бараат работодавците. Ако забележите вештини што ви се интересни или релевантни за вашата професија, започнете со нивно изучување преку туторијали, курсеви или работилници. Ако познавате некој што ја има таа вештина, побарајте од него помош или менторство.
„Време е луѓето да се навикнат на промените“, вели Симан. „Тоа е единствениот начин да останат конкурентни на пазарот на трудот.“
Извор: CNBC Make It

