ЕкономијаМакедонија

„Личен банкрот – шанса за нов почеток за 120.000 граѓани со блокирани сметки“

Повторно се актуелизира прашањето за личен банкрот, кое досега се спомнуваше во многу предизборни програми. Во многу земји во светот, личниот банкрот функционира како механизам што на физичките лица кои се презадолжени им обезбедува шанса за нов почеток преку индивидуално приспособен план за раздолжување. Сепак, економистите истакнуваат дека воведувањето на личен банкрот треба да биде одлука на Владата и алатка за помош на презадолжените граѓани да излезат од „маѓепсаниот круг“ на долгови, наместо да се користи како предизборно или политичко прашање.

Неодамна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека не може до бесконечност да се толерираат граѓани кои не се во состојба да ги намируваат своите обврски, отворајќи ја можноста за воведување на регулатива за личен банкрот.

-Тоа можеби е повеќе прашање за Министерството за финансии, но заедно може да размислиме дали е моментот да одиме со ваква регулатива – закон за личен банкрот. Според моите информации, имаме околу 120.000 блокирани сметки, граѓани без пристап до финансиските институции. Тие се жртви на некои даватели на кредити со високи камати, лихварски. Треба да се актуализира прашањето, јас одамна го поставував и како министер за финансии, дали не е време да донесеме закон за личен банкрот, кој би решил некои прашања. Не може до бесконечност да се толерира таква ситуација – луѓе што не можат да ги намируваат своите обврски, а тие се зголемуваат со каматите на долгот, изјави Славески.

Економските експерти сметаат дека воведувањето на личен банкрот треба да биде дел од законска рамка која ќе им помогне на граѓаните, но не треба да се користи за собирање политички поени.

„Тоа треба да биде одлука на Владата, односно на Министерството за финансии, а не на гувернерот. Целта е да им се помогне на најзагрозените граѓани – оние кои се презадолжени и не можат да ги враќаат кредитите или да ги платат сметките. Поради моменталната економска ситуација и високите цени, многу граѓани неконтролирано се задолжуваат, често без да бидат информирани за негативните последици од ненавремено подмирување на обврските. Тие земаат кредити и покрај тоа што не можат да ги вратат. Во кризни ситуации, вакви решенија се можни, но тоа треба да го донесе Владата“, изјави поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, за „Локално“.

Од граѓанските здруженија велат дека е добро што нивното барање за воведување на личен банкрот конечно наиде на слух кај дел од институциите.
Целиот текст на Локално.мк