Вести

Минималната плата може да се зголеми ако прво се промени начинот на размислување, а со тоа и општите ставови во државата

Автор: Бобан Илијевски

Гледам дека на ЕНЕР веќе е објавен Законот за систем на плати во јавен сектор, кој наиде на многу критики, првобитно поради тоа што беше усвоен на Влада без консултација со синдикатите. Но, тука нема да пишувам за овој Закон, ќе чекам прво да се изјаснат сите синдикати и експерти. Тука ќе пишувам за приватниот сектор.

Имено, неодамна анкетата којашто ја направи порталот Работник за тоа дали минималната плата од 19,600 денари, колку што треба да изнесува по усогласувањето во март месец оваа година, ќе биде доволна за да се преживее месецот, 58 % од испитаниците (од вкупно над 2,300), се изјаснија дека оваа сума нема да биде доволна.

Се согласувам во потполност.

Согледувајќи го постојаниот раст цените на основните производи или зголемувањето на инфлацијата, којзнае колку пари ќе бидат потребни до март месец за да се покријат основните трошоци за живот, па постои голема веројатност и тие 19,600 денари да не бидат доволни за да се преживее месецот.

Пазете сега, ние тука зборуваме за преживување, а не за живеење, што има суштинска разлика.

Токму поради тоа што луѓето кај нас преживуваат, се преселуваат во држави каде што можат да живеат пристоен живот. И се додека во Македонија се преживува, а не се живее пристојно, ќе биде така.

Затоа можеби едно добро решение за кое во повеќе наврати имам разговарано во својство на новинар со засегнатите страни, е да се воведе минимална плата на ниво на дејност.

Најдобар начин да се направи тоа е да се склучат колективни договори на ниво на работодавач или на гранка, па таму дополнително да се уреди минималната плата на ниво на дејност, но во предвид да се има рамноправноста за да повторно не се направи како што беше порано кога текстилните, кожарските и чевларските работници земаа пониска плата од минималната.

Сепак, за да се направи ова треба да се работи на формирање на синдикати во рамките на приватните компании, што е еден голем предизвик, со оглед на тоа дека има многу газди кои се анти-синдикално настроени.

Друго решение е она очигледното – да се зголеми минималната плата на национално ниво на сума која би била доволна да овозможи пристоен живот. Но, ова ќе биде многу потешко да се оствари со оглед на тоа дека ќе наиде на противење од страна на работодавачите.

На крајот на денот, се додека не го промениме начинот на размислување во однос на релацијата работодавач – работник и се додека постојат газди, наместо да имаме вистински работодавачи, тешко дека ќе одиме кон подобро. Но, перцепцијата треба да се промени и кај самите работници кои треба да имаат во предвид дека ако сакаат поголеми плати треба да имаат соодветни компетенции.

Неизбежно е напредок да има и од двете страни за работите да се придвижат кон напред.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk