ЕкономијаМакедонија

Мицкоски: Март носи значаен раст на индустриското производство од 3%, со двоцифрен пораст во трговијата на мало

Во март забележавме значаен пораст во индустриското производство во споредба со истиот месец лани, со зголемување од 3%, додека трговијата на мало регистрира двоцифрен раст на процентите, истакна денес претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со напорите за зголемување на куповната моќ на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека, за жал, проблемот во секторот рударство сè уште опстојува, со намалена активност во првиот квартал. Сепак, изрази надеж дека ќе бидат преземени мерки за подобрување на ситуацијата.

“Се надевам дека за две-три проблематични правни субјекти ќе пронајдеме начин како државата да помогне, но и тие самите да си помогнат, со што рударството ќе го вратиме на правилниот пат”, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека будно ја следат состојбата, како и сите нови проекти во индустријата и производствени капацитети. Тој изрази охрабрување поради растот во преработувачката индустрија.

“Тоа е нешто што треба сите да нè охрабрува”, заклучи Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по присуството на панихидата во црквата „Св. Спас“ во Скопје, по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.