МакедонијаСветот на работникот

Над 23 илјади работници не ја добиле јулската плата

До крајот на оваа работна седмица, на над 23 илјади работници не им беше исплатена јулската плата. Од Организацијата на работодавачи велат дека доцнењето се должи на неликвидност на компаниите. Конфедерацијата на синдикати бара поригорозни санкции. УЈП прво со предупредување, па блокада и присилна наплата.

На над 23.000 работници не им е исплатена јулската плата, а над 8 000 работодавачи не си ја исполниле обврската заклучно со 22-ри месецов според податоците на УЈП. И додека едни одвај ги покриваат месечните трошоци и се борат за поголеми плати, други воопшто не добиле реагираат од КСОМ. Бараат од надлежните поригорозни санкции за неодговорните компании.

Заклучно со 22-ри август, месечни пресметки за плата имаат поднесено, а плата сè уште немаат исплатено за јуни 2.139 работодавачи за 4.307 вработени лица, за јули 8.056 работодавачи на 23.353 вработени.

Истовремено, има работодавачи кои сè уште немаат поднесено месечни пресметки, за јуни 5.792 работодавачи за 7.974 вработени, за јули 6.432 работодавачи за 12.804 вработени.

Од Организацијата на работодавачи велат дека доцнењето на платите се должи на краткорочна или долгорочна неликвидност на компаниите. Апелираат за нивна поголема транспарентност за да не ги доведуваат работниците во ситуација по неколкумесечно доцнење да не можат да си го наплатат трудот.

Неисплатата на платата на работниците е кршење на законите и работничките права. УЈП прво ги предупредува фирмите, па блокира, а врши и присилна наплата онаму каде е потребно вели директорката на УЈП Елена Петрова.

УЈП извршила над 600 контроли во трговски објекти за фискализација, заклучно со 20-ти овој месец од кои во 204 се констатирани неправилности. Најголем број се однесуваат на неиздавање фискални сметки и неводење на книга за дневни финансиски извештаи.

Управата за јавни приходи апелира компаниите да ги подмират обврските, бидејќи овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.

Извор: МРТ