ПравдаСветот на работникот

Намалувањето на времетрањето на договорите на определено е добра мерка, но мора да се зачести и инспекцискиот надзор

Бобан Илијевски

Договорите на определено работно време во првите пет месеци од 2022 година, уште повеќе предничат пред тие на неопределено работно време, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.

Според дел од експертите по трудово право и пазарот на труд со кои досега има разговарано редакцијата на порталот Работник, ова се случува како последица на трендот којшто се појавил на Запад, каде најголемиот дел од работниците работат на договори на определено време.

Податоците на Агенцијата за вработување, за регистрирани пријави на засновани работни односи од евиденција и надвор од евиденција на невработени лица во период од 01.01.2022 до 31.05.2022 година покажуваат тренд на пораст на договорите на определено работно време.

Во дадениот период, имало вкупно 80,865 договори на неопределено и определено работно време. Од нив 33,152 работеле на неопределено работно време, додека 47,713 на определено работно време. Ова значи дека бројот на вработени на определено работно време бил за 11,156 вработени, поголем од тој на неопределено работно време.

Доколку ја земеме групата на вработени кои се во евиденција на невработени, вкупно имало 14,527. Од нив 3,924 биле на договори на неопределено, а 10,603 работеле на определено работно време. Со тоа, бројот на оние кои работеле на определено е поголем за 6,679.

И кај оние кои се надвор од евиденција на невработени, бројот на работници кои биле на определено време е поголем од тој на неопределено.

Имено, во оваа категорија, од 1 јануари до 31 мај, вкупно имало 66,338. Од нив 29,228 биле на неопределено, додека 37,110 биле на определено работно време. Ова значи дека бројот на вработени на определено бил за 7,882 работници поголем од тој на неопределено работно време.

Работодавачите најчесто им даваат договори на определено работно време да работниците кои започнуваат со работа кај нив. Согласно Законот за работни односи, тој има право да ги држи на договори на определено до пет години, по што е законски обврзан да го трансформира нивниот работен однос на неопределено работно време.

Новиот Закон за работни односи којшто се‘ уште се подготвува ќе предвидува намалување на времетраењето на договорите на определено работно време.

Адвокатата Персида Отовиќ Стојановска за порталот Работник вели дека доколку се спроведат предложените измени на Законот за работни односи во поглед на договорите на определено време и со истите се намали временскиот период на кој работниците би работеле на определено време истото би значело и поголема сигурност за работниците.

Најпрвин во поглед на на женските работници би значело овозможување на заштита за време на бременост, породување и секако доење.
За сите вработени односно работници оваа измена би значело правна и финансиска сигурност со тоа што после краток период би морал да се трансформира договорот од определено на неопределено време, истакна Отовиќ Стојановска

Таа вели дека со тоа ќе се оневозможи и манипулацијата и злоупотребата од страна на одредени работодавачи со вработување на работниците на определено време.

Отовиќ – Стојановска ја нагласи и улогата на инспекцискиот надзор чии ингеренции би требало да се зголемат и секако да се вршат позачестени контроли кај работодавачите во поглед на овие манипулации со цел заштита и унапредување на правата на работнциите.

Од Асоцијацијата за правно-економски истражувања „Јуридика“ на својата фејсбук страна објавија, како што велат, факти за договорот за вработување на определено време.

 

Од Јуридика велат дека договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.

Доколку ваквиот договор се склучува за привремено отсутен работник истиот ќе биде во важење се до враќањето на работа на привремено отсутниот работник. Ако работникот продолжи да работи и по истекот на 5те години работниот однос заснован со договор за вработување на определено време се трансформира во работен однос на неопределено време, исклучок од ова се договорите за вршење на сезонска работа, велат од Јуридика.
Од таму велат дека во дадени исклучоци, работниот однос заснован на договор на определено работно време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од 5 години, доколку работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со Закон.
Додаваат дека кога одредена работничка има склучено договор на определено време и истиот истече, а притоа работничката е бремена, бременоста нема да го спречи престанокот на работниот однос, бидејќи забраната за отказ поради бременост, раѓање и родителство не се однесува на оваа ситуација.
Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk