Најголем дел од пријавите до Инспекторатот за труд биле за неисплатен К-15 – Податоците за точниот број следниот месец
Пишува: Бобан Илијевски
31 декмври 2021 година беше последниот датум до кога требаше да се исплати регрес за годишен одмор. Од Државниот инспекторат за труд во изјава за порталот Работник велат дека најмногу пријави имало токму за неисплатен регрес за годишен одмор (К-15), но се‘ уште ги немаат податоците за тоа колку луѓе пријавиле за неисплатен К-15 минатата година. Истите ќе бидат достапни во текот на наредниот месец.
„По однос на Вашето прашање за вкупниот број на поднесени пријави за регрес за годишен одмор (К-15) Ве информираме дека податоците за минатата година се‘ уште се обработуваат и истите ќе бидат достапни во текот на наредниот месец“, рекоа од ДИТ.
На прашањето на „Работник“ за тоа колку вкупно пријави имало во 2021 година и за што најмногу пријавувале работниците, од ДИТ истакнаа дека биле извршени вкупно 14,545 надзори од областа на работните односи, од кои 1,403 се редовни, 2,159 контролни и 10,623 вонредени надзори.
Работниците во најголем дел пријавувале за неисплатен К-15, неисплатени плати и надоместоци и добивање на откази спротивно на Законот за работните односи.
Работодавачите кои се соочиле со проблеми во работењето можат да исплатат помал К-15 од пропишаниот
Секоја година работниците од приватниот сектор наидуваат на проблем кога станува збор исплатата на К-15, право утврдено со закон и колективен договор. Претходните искуства покажуваат дека има случаи каде работодавачите им исплаќаат К-15 на работниците, а потоа парите им ги бараат назад, некои им исплаќаат помала сума од законски пропишаната, а во најголем број се оние кои воопшто не им исплаќаат К-15 на своите вработени.
Поради кризата предизвикана од Ковид – 19 одредени дејности беа погодени од страна на економските последици кои ги наметна таа. Согласно Спогодбата во Колективниот договор за приватен сектор која ја имаат потпишано Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија е пропишано дека оние работодавачи кои имале потешкии во работењето, можат да исплатат помала сума на К-15 од пропишаната.
„Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор“, се вели во Член 1 од Спогодбата за измена и дополнување на Колективниот договор за приватен сектор.
Во 2021 година минималниот износ на К-15 изнесуваше 11,457 денари.
За потсетување, пресметката за износот на К-15 е утврдена на 40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци или 40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци.
Услов кој треба да се исполни за регресот за годишен одмор е работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а право на регрес секој работник има еднаш во годината.

