ЕкономијаМакедонија

Ако сега се исплаќа К-15, може да достигне 38.230 денари

Според пресметките на Блумберг Адрија, максималниот износ на регрес за годишен одмор (К-15) што работодавачите можат да го исплатат во јули без дополнителни давачки кон државата може да достигне 38.230 денари по вработен.

Минималниот законски износ на регресот се менува со секоја промена на просечната плата, објави 4news.mk Оваа година, исплатата во јули е за повеќе од 1.300 денари повисока во споредба со јули лани, покажуваат пресметките.

Иако горната граница за исплата на регресот не е формално ограничена, за износите над одреден праг важат поинакви даночни правила. Компаниите можат да исплатат до 80 отсто од просечната нето-плата од последните три месеци како признат трошок; секоја исплата над тоа се третира како непризнат расход и се оданочува со данок на добивка.

Според вчерашните податоци на Државниот завод за статистика, просечната исплатена нето-плата во периодот февруари–април изнесува 47.788 денари. Тоа значи дека горната препорачана граница за јули, без дополнителни давачки, е 38.230 денари по вработен.

Во пракса, најчесто се исплаќа минималниот законски износ утврден на 40 отсто од просечната плата, што во овој случај изнесува нешто над 19.000 денари. Работодавачите можат да исплатат и повисок износ, но за делот над 80 отсто од нето-платата следуваат дополнителни даночни обврски.