Во Македонија нема бумеранг-работници, туку работници што заминуваат засекогаш
Вчера објавив интересен текст за таканаречените бумеранг-работници — луѓе што се враќаат кај поранешниот работодавач откако ќе заминат. Во некои западни земји компаниите носат брзоплети одлуки, ги заменуваат вработените со вештачка интелигенција, па подоцна се обидуваат да ги вратат. Во Македонија, пак, сè уште се занимаваме со проблеми што изгледаат како да се од 19 век.
Додека едни се прашуваат како најдобро да ја искористат вештачката интелигенција, кај нас некои газди и понатаму тераат инает, иако длабоко во себе знаат дека нивниот пристап ги тера луѓето да си заминат. Ненавремената исплата на платата, неплатената прекувремена работа и несигурните работни места не се ситници. Тие ја уриваат довербата и им даваат на работниците причина да побараат подобро место.
Тука е и регресот за годишен одмор, попознат како К-15. Илјадници работници остануваат без ова право, а некои добиваат само 500 или 1.000 денари, со образложение дека работодавачот се соочува со финансиски тешкотии. Секако, има компании што навистина се во тешка финансиска состојба. Но има и такви што се обидуваат да ја искористат клаузулата за тешкотии за да избегнат обврска. Кога исклучокот станува изговор, цената ја плаќаат работниците.
Затоа мојата теза е едноставна: во Македонија нема бумеранг-работници, туку „стрела-работници“. Еднаш кога ќе си заминат, најчесто не се враќаат. Не затоа што немаат каде, туку затоа што причините поради кои заминале обично остануваат нерешени.
Тука лежи и парадоксот на нашиот пазар на труд. Има над 10.000 слободни работни места, повеќе од 80.000 луѓе се водат како невработени, а работодавачите велат дека не можат да најдат работници. Дел од објаснувањето е во несовпаѓањето на вештините и работните места. Но не може секогаш проблемот да се бара кај работниците. Кога условите се лоши, платата не одговара на вложениот труд, а основните права не се почитуваат, слободното работно место не е мистерија. Тоа е знак дека луѓето не сакаат да го прифатат она што им се нуди.
Не треба да заборавиме како беше кога невработеноста надминуваше 20 проценти. Тогаш работниците често слушаа: „Ако не сакаш да работиш за оваа плата, ќе најдам друг.“ Тоа можеше да помине кога имаше многу луѓе што бараа работа, а малку избор.
Денес рамнотежата се менува. Работниците имаат повеќе можности и сè почесто ги поставуваат условите: „Ќе работам за оваа плата и под овие услови. Ако не ти одговара, побарај друг.“ Тоа не е инает. Тоа е знак дека пазарот на труд се менува и дека работникот повеќе не мора да прифаќа сè само за да ја задржи работата.
Згора на тоа, помладите генерации сè повеќе бараат рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот. За нив не е важна само висината на платата, туку и работното време, односот на претпоставените, можноста за слободно време и чувството дека трудот им се почитува. Работодавачите што мислат дека платата сама по себе е доволна можеби наскоро ќе откријат дека тоа веќе не е така.
Искрено, одвај чекам да видам како ќе се справат со таа промена. Зашто можеби најважното прашање не е како да ги натераат работниците да останат, туку што треба да сменат за луѓето да сакаат да останат. Работниците што еднаш ќе заминат не мора да се вратат. Но работодавачите можат да направат нешто за следните да не посакаат да заминат.

