Најплатениот сектор во државата се залага за воведување на ИТ образование во средните стручни училишта
Воведување на стручно ИКТ образование е заложбата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) кон која се стреми веќе подолго време.
Според МАСИТ, на овој начин можат да се обезбедат поквалификувани кадри за компаниите од ИКТ секторот кој е еден од најплатените сектори во државата, односно го зазема првото место на листата на професии со најголеми плати.
Петар Лазовски, правен советник на МАСИТ, во изјава за порталот Работник вели дека Комората во изминатиот период активно се залага и работи на подобрување на средното стручно образование, со единствена цел да креира квалификуван и стручен кадар кој ќе одговора на потребите на пазарот на трудот, но и ќе ја зголеми вработливоста на младите.

Во рамките на МАСИТ пред самото усогласување на законот за средно стручно образование, формиравме работна група во состав на членките на МАСИТ која даде јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво“ – вели Лазовски.
Воведувањето на нови практики и програми, објаснува Лазовски, се од витално значење за иднината на ИКТ секторот. „Сите образовни институции (државни и приватни) кои се поврзани со ИКТ секторот треба да воспостават практика на дијалог со компаниите од овој сектор, со цел работодавачите изворно да ги дадат информациите за потребниот кадар и да воспостават нови програми за одредени профили на работни места доколку има објективна потреба за такво нешто“, наведува Лазовски.
Целта на МАСИТ, вели тој, е да даде придонес кон развојот на средното стручно образование во Македонија, а намерата на Комората е преку своите членки да иницира воспоставување на нова насока за средно стручно образование која би помогнала младите луѓе да се усовршуваат согласно потребите на ИКТ компаниите, притоа да имаат можност и да работат додека учат.
Мислењето на компаниите и нивните потреби ни се клучни во дизајнирањето на наставните програми. Силно веруваме дека со ваков пристап заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на нив – вели Лазовски.
Важно е да се напомене, нагласи Лазовски, дека воспоставувањето на средно стручно образование е макотрпен процес за кој е потребно да се вклучат многу институции „преку т.н. ‘здружување на силите’ со цел усогласување на конкретни програми наменети за потребите на ИКТ индустријата“.
Оттаму, сметаат дека државата треба да се насочи кон генеричка ИТ писменост и подигање на нивото на свесност на граѓаните за потребата од стекнување на соодветна компјутерска писменост.
Според Лазовски, генеричките ИТ вештини заедно со компетентноста во извршување на функции, подобро ќе ги оспособат луѓето да ги извршуваат своите улоги како граѓани (и носители на работни места) во услови на континуирани технолошки промени.
Тоа не значи дека секој треба да стане програмер, туку важно е да се разберат и научат основните компјутерски вештини, програми и апликации. Само на овој начин може да очекуваме успешна дигитализација во нашето општество – истакна Лазовски.
Порталот Работник испрати прашања и до Министерството за образование и наука, но до објавувањето на оваа статија, не добивме одговор.
Фото: Freepik
