ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Граѓаните се на работ на егзистенција, а пратениците си играат игри со нив“

Се повеќе станува неизвесно кога компаниите и работниците ќе ја добијат државната помош од петтиот пакет мерки. Пратениците немаат абер да го донесат законското решние за финансиска поддршка на плати. Трпението на бизнис секторот е при крај. За тоа зборуваат испраќањето на колективни одмори на вработените во текстилниот сектор и најавите за откази во другите гранки од приватниот сектор.

Денеска Стопанската комора на Северна Македонија испрати апел до пратениците во Собранието да направат максимални напори и денеска да ги донесат законите од петтиот антикризен пакет кои се во насока на поддршка на македонската економија.

Од комората истанаа дека станува збор за законски решенија со кои ќе им се овозможи финансиска поддршка на 20,000 компании и околу 130,000 вработени, како и на 25,000 граѓани од ранливите категории и со тоа ќе се зголеми ликвидноста и потрошувачката кои, како што велат, во овој момент се нопходни за одржување на компаниите во кондиција за да можат да се справат со кризата предизвикана од коронавирусот. 

Имено, членките на комората генерираат 50,3 % од вкупниот приход во приватниот сектор и вработуваат 33,7 % од вработените во секторот. 

Претходно и од Организацијата на работодавачи на Македонија апелираше до пратениците да се донесе законското решение, бидејќи без поддршка за плати голем дел од работниците ќе треба да бидат отпуштени од работа.

Од Синдикатот за текстил, кожа и чевли (СТКЧ) велат дека ако петтиот пакет не се донесе до крајот на оваа недела, тројно повеќе работници ќе бидат пуштени на принудени одмор, нагласувајќи дека пратениците си играат со судбината на илјадници работници кои чекаат плата за февруари и март. 

Првиот човек на синдикатот Љупчо Радовски, вели дека е нечовечки во услови на пандемија, Собранието да си игра со судбината на илјадници работници кои чекаат плати за февруари и март, а сега сме веќе април.

„Народните пратеници испаднаа ненародни луѓе и не знам со каков образ ќе бараат поддршка на следните избори од работниците кои ги оставија без две плати и егзистенција“, вели Радовски. 

Покрај синдикатите, преку фејсбук статус реагираше и Претседателката на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева.

Таа истакна дека повторно се прават политички калкучации со петтиот сет на мерки. 

„Иако беше одблокиран петтиот сет на мерки за исплата на плати за месеците февруари и март, претседателот Талат Џафери сепак не ставил точка на седниците пред Собранието да се изгласа помошта за вработените и стопанството“, наведе Ампева.

Таа порача дека доста е од политички игри на грбот на работниците, доста е од нивните игри и инаети во моменти кога граѓаните се на работ на егизстенција, надоврзувајќи се на тоа дека срамно е оние кои се на тие функции со редовни огромни плати да ги ставаат проблемите на народот во последен план.

ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ се препираат за тоа кој ќе биде политички поени?!
 
Двете најголеми македонски политички партии се во постојан конфликт околу петтиот сет мерки, како и за тоа кој добива политички поени од неносењето на законското решние од петтиот пакет антикризни мерки.
 
Ставот на СДСМ е дека ратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку опструкции, одолговлекувања се обидуваа да ја одложат помошта кон граѓаните и стопанството, правеа се за над 16.000 работници се уште да не земат плата, илјадници компании да не ја добијат ветената помош, додека од опозициската ВМРО – ДПМНЕ велат дека власта не сака да се донесе законското решение бидејќи нема пари во буџетот. 
 
Бобан Илијевски