Неделков: НСОН шири популизам, СОНК веќе затвори дел од прашањата кои НСОН ги отвора
Интервју за порталот Работник со Претсдателот на СОНК Јаким Неделков во однос на протестот на Независниот синдикат за образование. Во интервјуто, Неделков зборува за синдикалната соработка и за тоа што смета околу прашањата за кои НСОН ќе протестира.
Во продолжение е целосното интервју:
Работник: Г-не Неделков, Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) најавува протест пред Министерството за образование (МОН) за сабота, 20-02-2021 година. Дали СОНК ќе даде поддршка на протестот?
Неделков: До денешен ден СОНК не доби никакво официјално Барање за учество или поддршка на протестот, од една страна, од друга страна Барањата упатени до МОН а се објавени од страна на НСОН, сметаме дека дел се неиздржани, дел се упатени на погрешна адреса, дел се популистички и се граничат со груба манипулација на членовите на НСОН и воопшто, на сите вработени во образованието. Инаку, деновиве се врши притисок врз членовите на СОНК од дејноста образование, со цел да дадат поддршка на протестот со физичко присуство, односно, да излезат на протест. Ваквите постапки од страна на НСОН ги сметам за крајно некоректни и не принципиелни, како и грубо мешање во работата на нашата организација.
Работник: Споменавте дека не се согласувате со барањата на НСОН. На кои конкретно мислевте?
Неделков: Па, ќе наведам неколку примери, но и ќе образложам зошто.
- Првото Барање, или забелешка им е дека не бил почитуван ставот на Друштвата на наставниците, во врска со најавената Концепција за реформите во основното образование. Смешно, трагикомично….. Да беше дека не се почитува ставот на НСОН и ќе разберев, можеби имале конструктивни забелешки кои заслужуваат внимание и се во правец на подобрување на Концепцијата. Но да немаш сопствен став како организација по однос на ова прашање, а да се криеш зад туѓи ставови, навистина е несериозен однос кон сопственото членство, пред се.
- Втората тешка лага и манипулација со просветните работници е дека не се почитуваат колективните договори во делот за плати и дека им се исплаќа помала плата. Груба невистина, што се темели на непознавање и истоветување на терминологија минимална плата и најниска плата во дејноста. Или, можеби се лажам, можеби е свесно пласирана ваква теза, за да се создава незадоволство кај вработените во образованието, особено кон СОНК како потписник на Колективните договори?! А можеби на тој начин ќе се стекне довербата во раководството на НСОН и ќе се добие некој член повеќе?! Нели сметаат дека со вакви лаги ја навредуваат интелигенцијата на просветните работници? Доколку беше навистина така како што велат, досега со нивните правни експерти сто пати ќе тужеа и ќе се фалеа по социјалните мрежи. Класичен популизам, срамно и жално.
- Што се однесува до редовната исплата на плата, дефинитивно ја погрешиле адресата. МОН ги одобрува и пушта средствата за плати, но кога ќе бидат пуштени, најмногу зависи од училиштата и општините. Колку помалку грешки ќе направат тие, толку порано ќе се земе платата. Не би сакал да оставам впечаток дека го бранам МОН, но во рамките на социјалниот дијалог и парнерство помеѓу СОНК и МОН ова прашање е веќе подолг период затворено, односно е заборавен периодот кога се земаше плата и после 20 ти во месецот.
- Има и други Барања кои се поставени, според мене, само да “пополнат место”, односно, да ги има што повеќе, а се доста лепливи на уши, особено за оние кои се најзасегнати за тоа.
Додаток за зголемен обем на работа е законска обврска на директорите и од нив треба да се бара. СОНК веќе покрена неколку тужби кон директори на основни училишта и ќе продолжи да ги застапува сите оние наставници, членови на СОНК кои ќе побараат правна помош и застапување пред надлежен суд.
Превозот на вработени е исто така во надлежност на општините, но НСОН го упатува до МОН. Не знаење или нешто друго е во прашање, оценете сами.
Регрес за годишен одмор, се согласувам дека треба да има но во целиот Јавен сектор. По дејности е неприфатливо и недозволиво. СОНК во рамките на КСС во изминатиов период од неколку години беше многу гласен во поставување на ова Барање, особено на јавните протести што ги организираше КСС.
И на крајот, како јаготка на торта, го поставуваат Барањето за трансформација на работен однос. За тие што не знаат, а верувам дека малкумина се такви, СОНК и МОН уште во 2008 година потпишаа спогодба за трансформација на работни договори од определено на неопределено работно време, учествувавме во промена на Законот на работни односи и овозможивме од задолжителни 5 години, можност за трансформација после 2 години работен стаж кај ист работодавец, формирани се општински комисии за трансформација каде еден од трите члена е член на СОНК. Комисиите до денешен ден работат и имаат трансформирано над 13000 работни договори. Во моментов навистина не знам колку има за трансформација, но знам дека овој процес тече без прекин и дека нема никакви проблеми. Инаку, проблемите се случуваат при промена на локалната власт, тоа беше во минатото и го ценам како фрлање на црна дамка на целиот овој процес.
Работник: Според сето ова што го рековте, излегува дека НСОН нема зошто да протестира?
Неделков: Јас само ги образложив со аргументи нивните Барања упатени до МОН, што не значи дека НСОН и неговите членови ќе ја прифатат мојата аргументација. Уставно загарантирано право е правото на протест и тоа никој не го спори. Спорни се барањата, спорно е манипулацијата со нивните членовите (нивна работа) и воопшто со просветните работници во однос на оправданоста на Барањата и се разбира, од очекуваните резултати. Што после протестот? Очекуваат дека ќе бидат повикани од страна на МОН и дека ќе се преговара со НСОН? Ете тоа е манипулацијата со нивните членови. НСОН не е релевантен социјален партнер, нема моќ на преговарање, нема законски основ да биде партнер на МОН.
Единствен мотив за протестот на раководството на НСОН е популизмот. Со организирање на протест, без разлика колку луѓе ќе излезат, потпомогнати со 20-30 луѓе од нивната Конфедерација, пред јавноста ќе се прикажат како единствени борци за работничките права во образованието. Со овој чекор, сметаат дека ќе допрат до многу вработени во образованието и дека ред ќе се чека за зачленување во НСОН. Со вакви неискрени синдикални активности не се доаѓа до членство. Со плукање и негирање на работата на СОНК, исто така не се доаѓа до членство. Со молење за зачленување во НСОН по социјални мрежи, со упад во училишта и синдикални организации на СОНК и нудење членство со “мала” членарина, која патем речено, целата сума оди во НСОН и ништо не останува во синдикална организација, не се доаѓа до членство. Многу се жестоки критичари на политиката во образованието, гласно бараат деполитизација а првиот човек до претседателот, односно потпретседателот на НСОН, час е директор на училиште, час е синдикалец, и така во круг, во зависност од политичките ветришта. Со ваквите постапки само се потценуваат луѓето кои знаат многу добро да напраат проценка и разлика.
Работник: Неколку пати јавно имате поставено прашање до НСОН колку е големо нивното членство. Добивте ли одговор одговор до сега?
Неделков: Е ова прашање треба да го упатите до раководството на тој синдикат, кој што одговорот на ова прашање го чува во најстрога тајност. Неколку пати јавно му е поставено ова прашање на претседателот на НСОН, но тој никогаш не одговори. Но спротивно на тоа, многу е гласен во кажувањето дека кога ќе станат репрезентативен синдикат во образованието платите, додатоците на плати, работните услови и т.н. ќе бидат благосостојба, се поинаку, благодарение на НСОН. Со други зборови, не е проблем односот на државата кон образованието и просветните работници децении наназад, проблемот сме ние, СОНК.
Работник: Дали се чувствувате загрозени од работата на други синдикати за образование?
Неделков: Реално не, и не треба конкуренцијата или плурализмот во синдикатот никого да загрижува, напротив, тоа треба да биде мотив за уште повеќе работа, поискрена заложба за подобри резултати и крајно задоволно членство. СОНК е докажан синдикат во почитта кон други сродни (коректни) синдикати во државата и со заеднички активности и соработка минатата година потпиша еден Колективен договор, а сега е пред потпишување на друг. Но СОНК и не е така наивен и ги следи сите активности кои се случуваат зад кулисите на синдикалната сцена и жестоко ќе одговори на сите предизвици пред кои ќе биде исправен.
Работник: Дали се подготвува нешто тајно, што би било спротивно на интересите на СОНК?
Неделков: Па ако за некоја работа знае повеќе од еден човек, веќе не е тајна. Секако, до нас доаѓаат информации и дезинформации, па времето ќе покаже што е што. Една од информациите (дезинформациите) што дојде до нас е и сценариото на стекнување на број на членови на НСОН со што би станал репрезентативен. Засега тука ќе застанам, неоткривајќи детали, но доколку навистина е точно тоа сценарио ќе морам да ги предупредам сценаристите дека се откриени и дека ако по секоја цена сакаат да ја реализираат нивната цел, ќе наидат на жесток отпор, ќе бидат разобличени и бидат ставени на столбот на срамот. А на еден од сценаристите, политичката кариера ќе му биде минато.

