Светот на работникот

Некои крв дадоа за да ги имаме денешните работнички права: Историски преглед на Денот на трудот

Први мај, меѓународно познат како Меѓународниот ден на трудот или Денот на работниците, е еден од најзначајните датуми на глобалниот календар на социјални движења. На овој ден им се оддава почит на историските борби и достигнувања на работниците и работничките движења, со корења кои датираат од крајот на 19 век.

Почетоците на движењето за осумчасовен работен ден

Траги од раѓањето на Меѓународниот ден на трудот можат да се пронајдат во пикот на Индустриската Револуција, кога работните услови често биле брутални. Работниците тогаш работеле од 10 до 16 часа во небезбедни работни услови. Движењето за воведување на осумчасовен работен ден дошло до израз во 1880-тите проткаено низ слоганот: „Осум часа за работа, осум часа за одмор, и осум часа за што и да сакаме“.

На 1-ви мај 1886 година, синдикатите ширум Соединетите Американски Држави организирале генерален штрајк во поддршка на осумчасовниот работен ден. Повеќе од 300,000 работници учествувале во протестите на национално ниво, со најголемиот собир кој се случил во Чикаго. Овие настани ќе ја подготват сцената за она што стана познато како Аферата Хејмаркет.

Аферата Хејмаркет

На 4 мај 1886 година, по неколкудневните работнички демонстрации во Чикаго, еден мирен протест на Хејмаркет плоштадот станал насилен кога некој фрлил бомба врз полицајците која се обидувале да ја растераат масата. Хаосот од целиот настан резултирал со смрт на седум полицајци и најмалку четири цивили, додека десетици биле повредени.

Во контроверзното судење кое следело, и покрај малкуте докази кои ги поврзувале директно со бомбата, осум анархисти биле осудени за конспирација. Четворица биле егзекутирани, еден извршил самоубиство во затвор, а останатите подоцна биле амнестирани.

Меѓународно признание

Значењето на настаните од мај 1886 година се рашириле вон американските граници. Во 1889 година, Втората интернационала (организација на социјалистички и работнички партии) го прогласила 1-ви мај за Меѓународен ден на трудот за да им оддаде почит на оние кои го кренале гласот за време на аферата Хејмаркет и борбата за воведување на осумчасовен работен ден.

До 1890 година, протестите на 1-ви мај биле одржувани ширум Европа и Америка. Датумот брзо еволуирал во празник на демонстрациите, парадите и говорите со кои се славеле работничките права и се повикувало на подобрување на работните услови.

Глобално прифаќање и еволуција

Низ 20 век, Денот на трудот се прошил на глобално ниво, земајќи различни карактеристики во различни држави:

  • Во многу социјалистички и комунистички држави, Денот на трудот станал официјален државен празник кој се одбележувал со војнички паради и демнострации на национално ниво.
  • Во демократските нации со силни работнички движења, останал ден за работничките протести и повици за продолжување на реформите во трудот.
  • Во католичките земји, денот понекогаш се спојува со постоечкото мајско славење посветено на Дева Марија.

Први мај денеска

Денес, Први мај е официјален празник во повеќе од 80 земји и неофицијално се слави во многу други. Начинот на славење е различен секаде:

  • Државни празници со паради и фестивали.
  • Политички демонстрации фокусирани на модерните работнички предизвци.
  • Комеморација на историските борби за работнички права.
  • Културни прославувања во кои се инкорпорирани традиционалните првомајски обичаи.

Во САД, и покрај корените на празникот, Денот на трудот во септември станал пошироко познат како празник на работниците. Сепак, 1-ви мај останува важен за активистите за работнички права и прогресивците.

Наследство и продолжување на традицијата

Меѓународниот ден на трудот служи како моќен потсетник на историските борби кои овозможиле многу работнички права кои денес ги земаме здраво за готово: осумчасовниот работен ден, викендите, платеното отсуство, регулациите за безбедност и здравје при работа и законите повразни со детскиот труд.

Како што проблемите во сферата на работничките права продолжуваат да еволуираат во нашата глобализирана економија, Денот на трудот овозможува годишна можност да се рефлектираме на работничката историја додека ги адресираме модерните предизвици: гиг-економијата, последиците од автоматизацијата, платите и правичните работни услови на светско ниво.

Црвените знамиња и цвеќињата кои често ги симболизираат прославувањата на 1-ви мај не го преставуваат само претекувањето на крвтта во текот на минатите борби за работнички права, туку и продолжената надеж за достоинство, правда и просперитет за сите работници ширум светот.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk