МакедонијаСиндикат

Нема да има зголемување на минималната плата – Владата вели дека нема да носи ад хок решенија

Прашањето за минимална плата од 500 евра и за усогласување на останатите плати било отворено на седницата на Економско-социјалниот совет кој денеска заседаваше по неколкумесечна пауза, но ставот на Владата е дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција по завршување на седницата, рече дека ова прашање било отворено по барање на Сојузот на синдикати, но дека како Влада нема да носат ад хок решенија како претходната влада.

Беше побарано од ССМ да се стави како точка на дневен ред. Како Влада работиме на тоа да се подобри стандардот на граѓаните. Ако се усогласат синдикатите и работодавачите, ќе ги поддржиме, не може да држиме една страна. Во јавната администрација платите се зголемени, во образованието, здравството, полицијата. Нема да ги водиме политиките како претходната власт и да носиме ад хок решенија, треба да ја видиме и продуктивноста и не може да ја зголемиме инфлацијата, рече Дурмиши.

На денешната седница на ЕСС била презентирана и методолигијата по која ќе се пресметува потрошувачката кошничка. Ова, според министерот за економија, не значи негирање на синдикалната кошничка која, како што рече, е посакувана кошничка, а не заснована на реалните потреби на граѓаните.