Колумни

Непријавените работници, најголеми страдалници во корона кризата

Пишува: Бобан Илијевски

 

Непријавените работници беа едни од најголемите жртви на здравствено – економската криза предизвикана од Ковид – 19. И тоа е факт којшто ниедна Влада, ниедно Министерство и ниеден експерт не може да го побие, колку и да се обидува да го аргументира. Проблемот со непријавените работници во Македонија датира уште од нејзиното осамостојување, но со текот на годините нивниот број станувал се поголем. Според она што вчера го кажа Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата Отворено Општество – Македонија, на презентирањето „Анализата за ефектот од Ковид-19 врз работниците кои се дел од неформалната економија и привремено вработените работници, преку предлог мерки за нивна поддршка“, 128,000 лица во Македонија не неформално вработени, односно работат во сивата економија која пак според Министерството за финансии изнесува 37 % од Бруто домашниот производ.

Најголем дел од работниците коишто се во сивата економија, работат во сектори коишто беа едни од најпогодените од корона кризата, а тоа се земјоделството, градежништвото, угостителството, туризмот и секако да не ги заборавиме дадилките и негувателите на стари лица кои најголем дел работат без никакви договори, не им се плаќаат придонеси од задолжително здравствено и пензиско осигурување и немаат никаква заштита, а плус на тоа работат за суми коишто не се ни приближно блиски со минималната плата од 15,200 денари.

Премногу малку се зборува за овие работници. Мислам на дадилките и на негувателите на стари лица коишто се ангажирани преку познанства и коишто се нафаќаат да ја работат оваа работа, од најосновната причина – заработка на пари за да може да егзистираат тие и нивните семејства. Луѓето во Македонија се подготвени на се. Ќе собираат и шишиња од улиците, ќе ги мијат и ќе ги продаваат по слаткарите за два до пет денари од шише. Мораат да се снаоѓаат бидејќи не гледаат друг излез. Мојата констатација е, но воедно таа е и констатација на многу економски експерти, дека поради корона кризата, бројот на непријавени работници ќе се зголемува.

Секогаш кога ќе се спомене неформална економија или непријавена работа, акцентот го ставаме само на земјоделците, градежниците, угостителските и туристичките работници, но не и на дадилките и негувателите или негувателките. Зошто е тоа така, навистина не знам. Би сакал да имам можност да поразговарам со некоја дадилка и негувателка и да ги прашам зошто се нафаќаат да работат за плата помала од минималната и без никаков договор за вработување. Можам да го претпоставам нивниот одговор, а тој е дека би работеле се, само за да можат дома на своите деца да им однесат пари за да имаат за јадење и да купат облека за на училиште. Мене ми е ова јасно, но не знам дали на тие коишто ги креираат трудовите политики им е јасно. Се надевам дека еден ден ќе им стане јасно.

Тие треба да изнајдат соодветен механизам за да им помогнат на непријавените работници. Овој механизам треба да биде функционален и да се спроведува за да непријавените лица видат бенефит од истиот. Министерката за труд и социјална политика најави дека со новиот Закон за работни односи ќе се формализира неформалната економија, но зошто досега не започна со формализирање. Нели имаше Стратегија за оваа проблематика. До каде е реализирана оваа стратегија? Какви резултати даде истата? Кои се резултатите од истата? Самата бројка од 128,000 непријавени работници покажува дека немаме некоја практична примена на оваа стратегија. Сепак, тука морам да бидам фер и да укажам на тоа дека не само оваа Влада е виновна за неформализирањето на неформалната економија. И Стратегиите на претходните Влади не биле нешто особено ефективни.

Да не зборуваме за нерегистрирани фирми кои воопшто не постојат во Централниот регистар, ниту па за нив се знае во Управата за јавни приходи. Потребно е да се детектираат сите вакви фирми, за да и тие се регистрираат и започнат да плаќаат даноци, како и оние фирми коишто работат согласно законите.

Неформалните или непријавените работници се во многу тешка ситуација, поради што нивниот работен однос не е дефиниран со договор, па и поради тоа се лесно заменливи. Стратегијата којашто толку ја величи Владата, треба конечно да започне да се применува, за да на овие работници им се подобри социјалната, но и економската состојба.