„НИВНИТЕ ПЛАТИ СЕ ЗГОЛЕМИЈА ЗА 78 %, А НИЕ ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВАМЕ“- Синдикатите подготвени да го искажат својот револт на 1-ви мај
Бобан Илијевски
Под мотото „Ќебапче за работникот, бифтек за власта“, Конфедерацијата на слободни синдикати на 1-ви мај (понеделник) Меѓународниот ден на труд ќе организира протест кој ќе започне од 10 часот, а ќе заврши во 12 пред Владата на Република Македонија.
Социјалниот дијалог е на многу ниско ниво, заедно со платите и бенефитите кои им следуваат на работниците, велат од КСС, додавајќи дека на 1-ви мај ова гласно ќе го потенцираат токму пред Владата.
Платите на функционерите се зголемија за 78 %, а нашите стагнираат, додека трошоците за живот постојано растат. Работниците едвај успеваат да го преживеат месецот, велат од КСС. Поради тоа, нивното мото е „Ќебапче за работникот, бифтек за власта“, додаваат од таму.
Од КСС бараат да престане и непочитувањето на колективните договори кои се фундамент на социјалниот дијалог.
Нивните останати барања се:
- Достоинствена плата за сите
- Храна и превоз
- Почитување на колективните договори
- Подобри услови за работа
Неодамна, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура преку социјалните мрежи посочи дека нивните членови се приклучуват на протестот на КСС на 1-ви мај.
На 1-ви мај протест ќе одржи и Сојузот на синдикати на Македонија кој ќе започне од 12, а ќе трае до 14 часот. Конфедерацијата на синдикални организации – КСОМ пак, ќе земе учество и на двата протести.
– Ние не сакаме за Први мај да заземеме страна, да поддржиме еден синдикат или другиот на протестите, оставаме сите членови и граѓани да се приклучат секој доброволно каде што мисли согласно слободното време, рече Ристески, кој нагласи дека тој лично ќе присуствува и на двата протести.
Фото: Архива

