Новинските агенции бараат заедничко решение против лажните вести кои ги носи вештачката интелигенција
Шефот на Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) повика на нивна соработка во борбата против заканите од вештачката интелигенција (ВИ).
Клеменс Пиг зборуваше на отворањето на петтата конференција „Фјучр Медиа” организирана од полската државна новинска агенција ПАП во Варшава.
„ВИ во погрешни раце може да доведе до огромни бранови на лажни вести, напади и компромиси за демократските општества“, рече Пиг.
„Затоа, клучно е за нас новинските агенции да работиме заедно, да си помагаме меѓусебно да изградиме знаење за вештачката интелигенција, нејзините предизвици и можности и да соработуваме на заеднички решенија за справување со брановите на лажни вести и слични предизвици што ги поттикнува вештачката интелигенција“.
„Сериозните медиуми можат да опстанат во оваа борба само со веродостојно и доверливо новинарство“, рече тој.
Пиг нагласи дека рускиот напад врз Украина покажал дека автократските режими ја поткопуваат слободата преку употреба на пропаганда и лажни информации.
Фото: JIRAROJ PRADITCHAROENKUL / Alamy / Alamy / Profimedia

